Главната обвинителка на Соединетите Американски Држави, Пам Бонди, соопшти дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се обвинети за серија тешки кривични дела поврзани со трговија со дрога и нелегално оружје, јавува CNN.
Бонди на социјалната мрежа Икс порача дека Мадуро „наскоро ќе се соочи со целиот гнев на американската правда, на американска почва и пред американските судови“.
Според неа, венецуелскиот лидер се товари за заговор во рамки на наркотероризам, заговор за увоз на кокаин, поседување оружје и експлозивни направи, како и заговор за поседување оружје и деструктивни средства насочени против Соединетите Американски Држави.
Бонди не прецизираше за кои конкретни дела е обвинета сопругата на Мадуро, но потврди дека и таа е опфатена со обвинението.
„Во име на целото Министерство за правда, му благодарам на претседателот Доналд Трамп за храброста да побара одговорност во име на американскиот народ, како и на нашата војска за исклучително успешната операција за приведување на овие лица вмешани во трговија со наркотици“, напиша Бонди.


