Не правевме компромиси со мерките, а причината за зголемувањето на бројот на заболените од корона вирусот е во непочитувањето на мерките од страна на граѓаните. Ова е објаснувањето кое денеска го даде министерот за здравство Венко Филипче за загрижувачкиот пораст на новозаразени граѓани во последните неколку дена и особено денеска кога се кажа дека има 52 лица кои се заболени и 4 пациенти починаа.
Одговорајќи на прашањето дали чувствува одговорност што како лекар во Комисијата за заразни болести носеле едни мерки, а како политичар во Владата други и околу правење на компромиси со верските заедници и околу изборите, Филипче рече дека не се согласува со таква оценка.
-Не се согласувам дека има компромиси заради тоа што Владата ги прифати сите мерки што комисијата ги предложи. Можеби во еден дел имаше модификации во однос на бројот на часови што значеше затворени викенди, но тоа беше во насока да се одбегнат гужвите пред маркетите кои се случуваа. Владата се водеше по препораките и тука немаше компромис. И за другите, верски, објекти и тогаш важеа препораките кои и сега важат. Требаше да има само поголема контрола и да се спроведува мерка која е во сила – да нема групни собири, а каде има собир да се носат маски. И тука го гледаме проблемот. Од тие настани, од непочитувањето на мерките, се случува да имаме нови пациенти, одговори Филипче.
Тој додаде дека главната причина за порастот на новозаболените е што луѓето едноставно не се придржуваат до мерките. Според него, тоа го потврдила и контролата на епидемиолозите на почитувањето на мерките во Тетово и во Штип.
-Во Тетово е утврдено дека не се почитува самоизолација, не се запазува дистанца и не се носат маски, додека во Штип не се почитува превентива при транспортот на текстилните вработени од погоните со автобусите кои се преполни, а патниците без заштитни маски, потенцира министерот.
Тој потенцира дека посебно загрижува тоа што има случаи со кои граѓани кои треба да се во самоизолација се движат надвор и дека бара поголема контрола и санкции од страна на полицијата.
-Затоа барам поголема ажурност од страна на МВР, поголема контрола и санкции на тие кои овие мерки не ги почитуваат. Уште еден проблем на колегите епидемиолози е одбивањето на соработка од страна на пациентите, потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, одбивањето да даваат точни податоци, даваат лажни адреси, тешко можат да се достават решенијата за самоизолација. Новодијагностицираните пациенти се заразени во период кога имаше строги рестриктивни мерки во однос на движењето и беа во важење истите мерки како и сега, потенцира тој.
Според Филипче, олабавувањето на мерките го прават сите земји во регионот, и ние не можеме да живееме затворени.
-Одговорноста е сега на секој граѓанин. Ниедна институција не може сама да се справи ако нема почитување на мерките. Новозаболените се и од периодот кога имаше на сила полициски час но се заразија заради непочитување на мерките за заштита, рече Филипче.
Тој додаде дека сега нема да се брза со отворањето на детските градинки.