Неизвесност владее околу тоа што ќе се случува во Македонија кога во саботата ќе заврши четвртата по ред вонредна состојба. Дали ќе има нејзино ново продолжување, што доколку шефот на државата реши да не прогласи нова, ќе се оди ли веднаш на одржување на парламентарните избори… сето ова се прашањата кои треба да го добијат одговорот до истекувањето на вонредната состојба.
Од надлежните државни органи се уште нема најави за тоа што ќе се прави. Од Кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски деновиве изјавија дека седницата на Советот на безбедност се уште не е закажана. Ова тело треба да ја даде проценката околу потребата за новата вонредна состојба. Се чека и на тоа што ќе предложи Владата која деновиве ќе заседава околу тоа. Неофицијалните владини извори веќе брифираа некои медуми дека вонредната состојба „нема да биде неопходна“ во наредниот период.
Доколку таквиот став се прифати и од шефот на државата и не се продолжи вонредната состојба тогаш очигледно ќе почне да се остварува планот на СДСМ за одржување на изборите. Од оваа партија деновиве изјавуваат дека за нив 5 јули „останува датумот на организирање на изборите, освен ако се продолжи вонредната состојба“.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјавуваат дека „нехумано да се зборува за избори во овие моменти кога ситуацијата со ковид-19 е излезена од контрола“. А тоа повлекува и прашањето дали оваа партија би учествувала на евентуални брзи јулски избори. Од ДУИ се изјаснија дека датумот на изборите треба да се одлучи со консензус меѓу политичките партии. Но, се нема став околу тоа што доколку консензус не е можен?
Дилеми околу вонредната состојба очигледно има многу, а до сабота остануваат само уште три дена…