Скокот на бројот на заболените од корона вирусот се должи и на предвременото и ненадејно опуштање на пропишаните рестриктивни мерки, укинување на полицискиот час, отворање кафулиња… а што луѓето го видоа како сигнал да се стави крај на епидемијата. Ова е став на познатиот македонски епидемиолог д-р Драган Даниловски, кој го изнел во интервјуто за хрватскиот Т-портал. Тој како директор на Институтот за епидемиологија и биостатистика при Медицинскиот факултет во Скопје потенцира дека причина за зголемувањето на новозаразени е и во неследењето на советите на епидемиолозите.
Даниловски потенцира дека продолжува неодговорното однесување во калстерите какви што се џамии, цркви, фабрики, локални средини…
-Ова се епидемиолошки важни настани. Јас исто така би го додал Денот на трудот. За жал, некои од овие неповолни настани продолжуваат. Фабриките продолжуваат да работат, наводно, придржувајќи се кон мерките за лична заштита. Голем број луѓе сè уште не се придржуваат кон пропишаните мерки за заштита. Луѓето се упатија кон кафеани, излетнички места, туристички места – Охрид, Преспа, Дојран … и бројот на заразени почна да се зголемува. Одеднаш, но не секаде! Деведесет и седум проценти од овој втор бран е локализиран во десетина општини. Во остатокот од земјата ситуацијата е мирна, смета Даниловски.
Тој предупредува од ново можно ширење на заразата по неодамнешната масовна „евакуација“ на граѓаните на Скопје заради 80-часовниот полцииски час.
-Во туристичките дестинации луѓето не се придржуваа кон мерките за заштита. Сето ова може да доведе до ширење на вирусот надвор од постојните жаришта, за што ќе бидеме сведоци во наредните денови, нагласува овој епидемиолог.
На прашање дали треба да се дозволат избори во Македонија, закажани за почетокот на јули Даниловски вели:
– Епидемиолошките критериуми се строго ригидни. Не може да се организира масовен настан од која било природа ако не се исполнети овие критериуми: да не се регистрирани заразени случаи за време на двете максимални инкубации. Очигледно, таков критериум е тешко да се исполни. И затоа практично сите одлуки за масовните настани се, пред сè, политички. Станува збор за уметност на управување, уметност при избор на најповолен компромис помеѓу здравствени ризици за населението од една страна и други видови на ризици (социјални, економски, политички). Основниот принцип е: мерките преземени во дадена криза никогаш не смеат да предизвикаат поголема штета отколку што би била предизвикана од таа криза.