Со поднесување на потребните документи и почитување на протоколите за заштита од корона вирусот во скопските средни училишта и денеска ќе се врши уписот новите средношколци. Вчерашниот прв ден од уписот помина во ред благодарение и на правилото документите да се поднесуваат по азбучен ред на презимињата на учениците во определен временски период.
Според конкурсот за запишување, бројот на слободни места по конкурс за упис во средни училишта во земјава изнесува 35.919, од кои: 25.447 за стручно образование, 10.064 за гимназиско и 408 за уметничко образование. За овие места ќе се борат 19.297 завршени основци.
Според очекувањата, голем интерес се јави за запишување во скопските гимнанзии. Во гиманзијата „Орце Николов“ вчера изјавија уписот поминува во најдобар ред. Оваа гимназија веќе неколку години се соочува со голем наплив на кандидати, многу од нив со просек 5,00. Лани на првиот ден од уписите се пријавија стотина кандидати повеќе од предвидените места, а голем дел од нив беа скроз одлични. Планот за упис годинава предвидува да се примат 285 ученици во 9 паралелки. Конкурсот за упис предвидува доколку има повеќе кандидати да се полага квалификационен испит. И во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ беа поднесени доста документи за упис. Интерес имаше и во средно медицинско училиште „Панче Караѓозов“ каде во изминативе години редовно се пријавуваа повеќе кандидати од предвидените. Сега е планот да се запишат 646 ученици, распоредени во 12 паралелки, на македонски и на албански јазик. Интерес имаше и во стручни училишта, а конечните бројки ќе се знаат на крајот од уписниот рок,
Пријавувањето ќе трае до петок до 13 часот, додека ранг листите со запишани ученици ќе бидат објавени исто во петок по 15 часот. Второто пријавување и запишување ќе се реализира на 24 и 25 јуни, додека третото пријавување ќе биде на 29 јуни.