Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Изминаа 77 г. од вечерта на 13 јуни, од погибието на поетот и народниот борец Кочо Рацин (Коста А. Солев). Тој е и писател, публицист, есеист,критичар, но и активен учесник во напредното работничко движење – социјалистичкото. Оттука, да се зборува за Рацин значи да се зборува за македонската национално-политичка и културна историја. Неговата животна судбина започнува во Велес во 1908 г., а завршува на Лопушник во1943 г. и е израз на настојувањата, Македонците да ја разберат својата суштина и да ги преточат народните, социјалните и духовните специфики во основата на својот национален идентитет.
Рацин е харизматична личност, која силно ја бара вистината, а како единствени адут на своја страна ја има само личната упорност. Затоа неговото дело е толку автентично и сугестивно, народно – трудбеничко и низинско. Неговата животна и творечка натура се кали во семејната многудетност и немаштија, во системот на туѓа власт и реакционерност, во затворите на Кралството Југославија, но и на Царството Бугарија, во келиите на Комунистичката партија на Југославија и нејзините неформални школи и организации кои во еден момент не емитуваат срдечен однос кон него, исклучувајќи го од редовите и бојкотирајќи го. Но, сепак неговата „Анталогија на болката” содржи топол трепет, духовен копнеж и љубов, а потоа следат и уште многу зборови преточени во песни и проза. Затоа, уште пред да се ја напише својата анталогиска збирка песни „Бели мугри” тој е веќе познат и почитуван „драгоцен капитал како работник-поет” (Ј.Б.Тито,1934).
Партиско-политичката дејност се претвара во судбина за Рацин, таа не може да му ги прости популарноста, влијанието, генијалноста, трудољубивоста и најмногу од се отворноста во искажувањето, дека таа „Партијата е еден ќепенок (дуќанче) во Македонија да продава политика” (1940). Кочо Рацин е интелектуалец кој осознава, истражува, создава врз широк спектар од теми. Од македонските, тој пишува и за Богомилите, за Илинден, за Сандански, запишува и пишу ва за македонските говори и за јазикот, а полемизираќи ќе истакне: „Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име.” Авторот на збирката „Бели Мугри” во која се песните „Денови”, „Тутуно бе ра чите”, „Ленка”, „Копачите”, „Елегии за тебе” и други –Кочо Рацин е еден од основоположниците на современата македонска книжевност, но и народен борец за „човечки правдини” и достоинствен живот.
Тој е значајна историска личност, која без да сака ја предвидела својата величина: „И ако не умрам дома, туку… в борба искри кај што лштат —блазе, речи на душата —има зошто душа да е!” („Татунчо”). Кочо Рацин во себе го со др жи најдоброто од Константин Миладинов и најпроникливото од Гоце Делчев и затоа е македонска вредност за почит и внимание!