Колумна на Габриела Илиевска:
Малку е чудно еден лик како мене, на кој Битола му е светост , да пишува во „Скопско Ехо“, ама сепак – колку и да не сакаме да признаеме, како што стојат работите и како што стоеле – ни Скопје без Битола може, ни Битола без Скопје!
Јас како претставник на граѓанска листа, во локалната политика, искрено се надевам дека тоа ќе се смени, односно дека моето делување барем малку ќе направи тоа да се смени. Зошто? Првата работа заради која Скопје е зависно од Битола е струјата. Да, токму тоа е она без кое – Скопје нема да може да дише, а Битола „не дише” и “умира”! Токму заради тоа!
Всушност, „најлошата” приказна која еден битолчанец ја има слушнато е тоа дека болестите во Битола се „мала жртва” за она што Македонија го добива од Битола… Се додека битолчани не добијат квалитетна заштита на животната средина и субвенционирана цена за струја, Битола ќе биде „осудена” од Скопје.
Е сега… има и еден друг момент кога Битола е „зависна” од Скопје. Кога има избори. Скопје одлучува кој ќе биде носител во Битола и секогаш, со минимални исклучоци, носители се некои „битолчани по потекло” или битолчани кои се сеќаваат на Битола само кога има избори. И редовно таквите се носители, да… баш со „битолски корени”.
За да биде сѐ ова вака, сепак најзаслужни се сите досегашни „битолски функционери” од сите политички субјекти. Јас не паметам – функционер кој бил изгласан од Битола и кој „заминал” во Скопје – нешто да направил за Битола. Не паметам некој таков во изминатите години да се свртил назад кон Битола и да рече – ќе се вратам и ќе се залагам за мојот град!
На крај сепак прашањето е дали Скопје и Битола ги поврзуваат само нечии ситни лични интереси?!Се надевам дека сите ние кои искрено ја сакаме Битола во иднина ќе направиме сѐ што е во наша моќ за да биде ПОИНАКУ за сите нас.