Девет месеци поминаа откако е искршена и три месеци откако е најавено дека ќе се реконтруира, спомен плочата на споменикот на децата-бегалци во паркот „Жена борец“ никако да се обнови. Овој вреден споменик за трагедијата на македонските деца бегалци од граѓанската војна во Грција и натаму стои без обележјето на опачината од споменикот.
Единственото нешто што беше направено е тоа што беа собрани остатоците од искршениот мермер по вандализмот кој е сторен во предвечеритето на 11 октомври, денот на востанието на македонскиот народ против фашизмот. Сторителите не се пронајдоа за да бидат соодветно казнети. Потоа, градските власти на Скопје дури на почетокот на април годинава соопштија дека оштетениот споменик комплетно ќе се реконструира.
-На посочената локација Град Скопје врши комплетна реконструкција на одредени оштетувања, каде постапката е во тек. Со овој зафат ќе се постави комплетно нова инсталација на фонтаната, а ќе бидат поставени и нова пумпа и прскалки, соопштија тогаш градските власти.
Но, ниту тогаш ниту во последниот период не почна да се изведува никаква реконструкција. Со тоа споменикот и натаму стои осквернавен и како потсетување на вандализмот кој како да има за цел да се избрише сеќавањето на големата трагедија на 28.000 македонски деца-бегалци. Такво нешто не смее да се дозволи и градските власти кои во овој период сепак прават работи во труги области, мора да најдат и средства и време, споменикот да биде обновен.