Владеачката СДСМ сака да се истера до крај објавувањето на „бомбите“. Поради тоа партијата поднела кривични пријави за снимките што беа објавени последниве неколку денови. Ова го соопшти претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за државната агенција МИА.
-Поднесовме кривични пријави за незаконско прислушување, за незаконско снимање кое што се случува и бараме тоа да се истера на крај. Точно, не заради тоа што се плашиме од тие разговори, а тоа е пример како треба да се однесуваат и сите други кои што се цел на вакво незаконско прислушување. Законот вели дека е кривично дело незаконското прислушување дури и кога седиме на состанок и некој снима не мора телефонски да разговараме, снимањето е недозволиво, секако освен ако е објавено јавно за потребите на стенограми или било што од одредени состаноци. За тоа треба да постои одговорност. Но, нека им е на чест на нашите опоненти тоа што го прават со цел, истакнува Заев.
Тој воедно објаснува дека СДСМ се однесувал одговорно кога објавувал прислушувани материјали.
-СДСМ кога објавуваше прислушувани разговори тоа го направи транспарентно. Излеговме на говорница, штитејќи ја комплетно приватноста на луѓето, секаде каде што постоеја индиции за криминал или неетичко однесување со тенденција за криминал, тоа јавно го објавивме, го составивме и срочивме во кривични пријави и го доставивме до тогашното ЈО коешто помина понатаму во СЈО. Така да, кукавички е да се пуштаат разговори на начин на којшто се крши законот денеска тоа е типично само за опозицијата. СДСМ секојпат тоа го правел согласно закон како што е дозволено, објавувајќи со кривични пријави во времето кога дури и кога не беа забранети јавните објавувања на разговорите, истакнува првиот социјалдемократ.
На укажувањето дека се пуштаат и разговори за опозицијата, тој вели:
-Пријавите ги поднесовме за сите што објавуваат без разлика дали таргет опозицијата, дали таргет е Заев, владејчката партија или опозиционата партија или кој било граѓанин. Прво сакаме да престане ова заради тоа што еден дел од раѓаните стрепат за приватноста и треба да знаат дека секој има право да тужи макар другар со другар да се снимаат па да објави. Тоа е незаконски, недозволиво и треба да го знаат, истакнува тој во обемното интервју за МИА.
Заев воедно тврди дека од 2017 наваму нема прислушкување освен со судски налози, а дека СДСМ на овие избори е решена да оди со комплетно позитивна кампања.