Со порака во која се искажува силен револт нашата позната естрадна ѕвезда Наум Петрески им се обрати на колегите – музичари. Пораката е објавена на Фејсбук-профилот на Здружението на естрадни уметници кое вчера објави статус дека по втор пат ќе побараат помош од државата, но исклучиво за нивни членови.
– Носете се у мајчина сите вие таканаречени уметници и ѕвезди, без никаков багаж и тежина со се шарената Ваша влада – напиша во коментарот Петрески, а го пренесоа неколку медиуми.
Во вчера објавениот повик на Здружението се наведува дека заради тоа што естрадните уметници се се уште на пауза заради кризата со корона вирусот тие пак ќе побараат помош.
-Ние, како индустрија, сме навистина оштетени и тоа се уште трае и ќе трае уште долго, ви соопштуваме дека во најскоро време ќе пратиме повторно молба/барање до Владата на РС Македонија за финансиска помош, меѓутоа овојпат само за членовите на ЗЕУМ, бидејќи немаме правна, но и етичка основа за да побараме за сите естрадни уметници, се наведува во објавата.
На ова следеше коментарот на Петрески кој, меѓутоа, денеска не можеше да се најде во рубрика „коментари“ под објавата на здружението. Заради ова следеа и реакции на други граѓани.
-Зошто бришете коментари? Не ви се допаѓа незадоволството од колегите?, напиша еден граѓанин.
Инаку, на 12 август Здружението на естрадни уметници ги информира членовите дека им се исплатени средствата од Владата како финансиска помош. И тогаш, Наум Петрески имаше коментар.
– Кој доби со здравје да ги троши. И овој пат како и секогаш најзаслужните не добија пошто сме против оваа шарено предавничка власт. Нека уживаат додека трае зашто после некои крв ќе плукаат, напиша Петрески.