МВР од вчера почнало со спроведување засилени акциски контроли за санкционирање на непочитување на сообраќајните правила и прописи во Скопје, но и на територијата на целата држава, информира денеска Тони Ангеловски, портпарол на МВР. Тој додаде дека во урбаните средини заради обезбедување поголема проточност на сообраќајот, ќе има засилено присуство на сообраќајната полиција и „пајак” возилата.
-На територијата на Град Скопје во текот на вчерашниот ден се изречени вкупно 514 санкции, меѓу кои возење без возачка дозвола 30, пречекорување на дозволената брзина на движење 87 прекршоци, нерегистрирани возила 18, санкционирани се 36 мотоциклисти, а одземени четири мотори, информира Ангеловски.
На мета на санкциите од страна на полицијата се прекршоците кои се најчеста причина за сообраќајните несреќи: управувањето со возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци и слично.
-Најригорозно ќе бидат санкционирани возачите на мотори кои возат спротивно на прописите и ги вознемируваат граѓаните во доцните вечерни часови, изјави Ангеловски.
Да се надеваме дека акцијата нема да биде краткотрајна.