Крајот на септември или почетокот на октомври е најнов термин за кој скопскиот градоначалник Петре Шилегов го најавува отворањето на многу потребниот стационар за бездомните животни „Лајка“. Тој денеска изјави дека стационарот е скоро целосно готов, односно, дека останува уште во една од халите да се спроведе електрика.
– Јас мислам дека до крајот на оваа недела целосно ќе завршиме со уредувањето. АХВ има закажано контрола на 25 септември со цел после тоа, откако ќе биде одобрено отворањето да го ставиме конечно стационарот во полна употреба, потенцира Шилегов.
Од ова практично произлегува дека отворањето во најоптималната варијанта би можела да се очекува на почетокот на следниот месец. Но, и ова под услов контролата на Агенцијата за храна и ветеринарство да покаже дека во новиот стационар нема некои поголеми проблеми. Доколку, пак, се појават тогаш и најновиот термин пак ќе се пролонгира.
Како и да е, по термините „кон првата половина на септември“, на најавата дадена на 17 јуни дека оворањето ќе биде „за една седмица“ и онаа од 2 јули дека „отворањето ќе биде за кусо време“, сега дојде и најавата за октомври…
Да се надеваме дека овој пат термините нема да се менуваат, односно одолговлекуваат, оти станува незгодно, Русите за пократко време и подготовки ја пратија кучката Лајка во вселената.
И да не заборавиме, Лајка во вселената е пратена во 1957 година, а сега е 2020 година кога Град Скопје има на располагање многу подобра механизација, технологија…