Со познатиот македонски архитект Ангел Ситновски зборуваме за проблемите кои се создаваат при донесувањето на новите Детални урбанистички планови во повеќе скопски општини…
Граѓаните деновиве реагираат и се противат на предложениот ДУП за населбата „Дексион“, а се реагира и за предложените за „Расадник“, „Треска-Буњаковец“…
-Порано урбанистичкото планирање во градовите и општините во Македонија традиционално им беа доверувани на заводите или други јавни претпријатија за урбанизам, но по 2005 год. изработката на плановите во поголемиот дел излегуваат на пазар, па како носители на изработка се појавуваат приватни претпријатија, институти и факултети регистрирани за обавување на таа дејност. Најчесто приватните претпријатија се со 2 до 4 – 5 луѓе! И во таков состав баш и не можат да се направат квалитетни планови како порано.
Целта на планирањето не е, односно не би требала да биде, исклучиво усвојување на планскиот документ како еднократен регулаторен основ за издавање на градежна дозвола, туку уреден процес во кој планот е само еден од инструментите за управување со просторот и унапредување на квалитетот на животот. Немаме повеќе Министерство за урбанизам и градежништво, а во Министерството за транспорт и врски мислам дека нема ни одделение за архитектура и урбанизам. Затоа ни се случува сево ова. Затоа ќе ги имаме Расадник, Дексион и слични примери! Има голема поврзаност на политичарите со инвеститорите во планирањето на просторот, урбанистите се тука само да ги исцртаат желбите на моќни поедици!
Излегува дека општински советници и градоначалници најмногу решаваат за доселување на нови и нови жители на слаба инфраструктура?
-Политичарите, инвеститорите и на крај и планерите имаат различни мислења за поволните локации за изградба во Скопје. Ако се земе во предвид дека носењето на планови е дејност за која во најголем дел е одговорен јавниот сектор, јасно е дека во неа се вградени големи очекувања и на граѓаните и на градските власти. Кај нас одлуките за иднината на некој дел од градот, за правците на развиток, организација, форма и содржина се носат во компликувани законски процедури, низ усогласувања на интересите на голем број учесници од сите сектори, заради што оваа дејност е и мора да биде инертна, а постапките комплексни и долготрајни. Кога процесот на планирање, кој инаку бара предвидување на трендови и иднина, дополнително се оптерети со голема динамика на промени на сите елементи на физичкиот и општествениот ситем во кој треба да функционира, тој станува многу сложен и за корисниците на просторот необјасниво долг.
Со право граѓаните, инвеститорите, управата која ги спроведува и контролира, политичките представници кои ги носат одлуките – се прашуваат што воопшто се случува? Дали планерските процеси мораат да бидат толку компликувани или се може по ефикасно, по разбирливо и подобро?
Важно е урбанистите, а секако и политичарите да разберат дека треба да се планира за непланираното да би направиле простор за желбите на идните генерации. Обврска на локалната градска управа е да обезбеди заштита на ресурсите, да го спречи деградирањето на просторот, а не да ги подржува алчните инвеститори. Особено е важно да градската управа има свест за тоа дека не само следните генерации, туку можеби и колегите урбанисти веќе идната година, треба да решат или утврдат правила за уредување или градење за време и услови кои денес не се прецизни или не се познати.
Каков пристап треба да се има кон правењето на новите ДУП-ови во општините?
-Кога станува збор за планирањето, за уредувањето на просторот на градот или општината преку донесување на урбанистички планови, сите актери (граѓаните, стопанството, градската управа) би требало да го сакаат најдобриот резултат, што ќе се постигне само со почитување на значајни и поврзани, а денес широко вкоренети атрибути и аспекти на развитокот. Тоа се пред се, одржливоста, правичноста, ефикасноста, транспарентноста и партиципацијата. Значи, како заклучок за иднина, вклучувањето на граѓаните е клучен аспект на добро управување со просторот, затоа што луѓето се цел и гаранција на одржливиот развиток. Вклучувањето на граѓаните мора да се овозможи низ одредени процедури, не само кога станува збор за носење одлуки во планирањето на заедниците и населбите, туку и кај капиталните инвестиции.
Време ли е да се преиспита начинот на носење на просторните планови?
-Општината односно, градот не би требало кон изработката на урбанистичките планови, да пристапува неспремен, рутински и одлуките за важни прашања кои се однесуваат на формирањата на урбанистички решенија во тек на изработка на планот да им го препушти само на ангажирани професионалци и инвеститори. На крајот, градовите се градат за луѓето што живеат во нив.