Локовниот уметник Кирил Ефремов ја загуби битката со корона вирусот синоќа на Инфективното одделение во Клиничка болница во Штип.
Роден е на 19 декември 1938 година, завршил сликарство во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, во класата на познатиот сликар и педагог Лазар Личеноски. Завршил Академија за Ликовна уметност во Белград.
Кирил Ефремов спаѓа во генерацијата на уметници која го најави своето присуство во современата македонска ликовна уметност, на почетокот на шеесетите години од минатиот век. Тоа беше група на тогаш млади уметници како што беа: Анастасов, Шемов, Перчинков, Ристески, Ѓеоргиевски, Ташковски, Чемерски, Франговски и др. Овие ликовни уметници, повеќето излезени од Ликовната академија во Белград, во годините на седмата деценија од 20 век, го започнаа својот творечки пат, за да понатаму се развијат во зрели уметници кои ги преземаа и ги продолжија современите текови на македонската ликовна уметност. Студиски патувања во Париз(Франција), Италија и Швајцарија.
Ефремов има реализирано над 50 самостојни и околу стотина групни изложби во земјата и странство. Добитник е на најголемата државна награда за сликарство на Друштвото ликовни уметници на Македонија „Лазар Личеноски“. Во периодот на поранешна Југославија, добитник е на втора награда за сликање на портрет, на изложбата во Тузла(БиХ), која ја доби за изработка на портрет на Јосип Броз – Тито.