Не драматизирајте и нека е честит 11 Октомври!

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Без да драматизирам би направила едно историско поврзување! Така, за нас, Македонците, солунските браќа Кирил и Методиј се важни како основачи на првата словенска азбука – глаголицата, како учители и просветители. Во основата на глаголицата тие ги поставиле јужномакедонските говори од околината на градот Солун. Следејќи ја историската вертикала, тие се спомнуваат и во документите на Македонското востание (Кресненското) од 5 октомври 1878 г.

Во Правилата на Македонскиот востанички комитет е запишано: „Ние востанавме како поборници на слободата… како македонска војска на Александар Македонски… Нашата цел е ослободувањето на Македонија, земјата на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методиј, која со векови страда под турското иго“.

Пред 74 години, по тридневна процесија, на 10 октомври моштите на македонскиот револуционер Г. Делчев се погребани во главниот град на ослободена Македонија – Скопје, во црквата св. Спас.

Историското поврзување на просветителите и на револуционерот во историскиот контекст, продолжува! Непосредно пред започнување на Втората светска војна, ПК на КПЈ во Македонија (1940), му се обраќа на македонскиот народ: „… имате свои јазик, култура, свои традици, песни… славна историа и минало. Кирил и Методија не беа ни Срби, ни Бугари, а македонски славјани кои дадоа писменост и култура на сите славјани…

Централното прашање на македонското ослободително движење е: ‘Непрекинато да работиш за културното издигање и ослободување на македонскиот народ’. Тоа е стимулот што го тераше Гоцета Делчев и сите македонски синови да водат борба на живот и смрт со непријателите на Македонија, на македонскиот народ. На таков начин и самата борба на Македонците добива смисла и значење.“

Така и започна народното востание против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ на 11 октомври во 1941 г. Во четиригодишната борба, македонскиот народ стана жесток противник на окупаторските сили во Македонија, давајќи свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

Без да драматизирам, ви го честитам 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија!

 

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Филипче мора што побрзо да даде оставкa за да се спасат животи
Следна вестВозат пребрзо, добиваат казни, ама…