Изминатиот период се повеќе на социјалните мрежи се објавуваат фотографии од автобуси на ЈСП во кои ниту има дистанца, ниту пак изгледа како да е пандемија. Со исклучок на носењето маски, останата слика е идентична како вообичаено: луѓето буквално си дишат во врат, стојат прилепени еден за друг, а да седне човек може само ако се качи на првата станица.
Последните фотографии се од автобусите со број 63 и 64 од населба Илинден, а граѓаните јавно се обраќаат до ЈСП, Град Скопје и здравствените власти.
-Ако го вративте во промет автобускиот превоз, а во исто време забранивте групирање на повеќе од 4 лица, тогаш ќе пуштите уште најмалку 5 линии на 63-ки и 64-ки или ќе плаќате вие казни оти како сообраќајно претпријатие дозволувате не 4 туку најмалку 40 луѓе да се возат?! – прашуваат скопјани на социјалните мрежи.
Без разлика на носењето маски дистанцата е една од безбедносните мерки за кои власта дома, но и во светот, тврди дека е неопходна за заштита од Ковид 19. Па прашањето на апсурдот после континуираните фотографии од автобусите на ЈСП останува. За решение, особено сега кога и загадувањето ќе не навјаса, никој не зборува.