Леле како силно се најавуваше апликацијата „СтопКорона“. Власта објаснуваше колку се досетливи и се борат со короната, а медиумите пренесуваа, фотографираа… И? Кои се резултатите од нејзиното работење?
Кога беше направена во април годинава телефонската апликација „СтопКорона“ беше најавена како значајно средство со кое ќе се помогне во наоѓањето на лица кои биле во блиско опкружување на оние граѓани за кои ќе се утврди дека се инфицирани со вирусот. За кусо време ова апликација беше симната од страна на 60.000 граѓани што даваше надеж дека лоцирањето на лицата ќе оди добро. Но, набрзо преземањето на аплиакцијата од граѓаните како да спласна, како за неа да немаше веќе интерес.
Надлежните почнаа да објаснуваат дека граѓаните се сомневаат дека ќе им се откријат личните податоци, дека ќе им се загрози приватноста… Сега веќе никој и не ја спомнува апликацијата, не се знае дали воопшто се користи, какви ефекти има, имаат ли епидемиолозите некаква полза од неа.
Судејќи по тоа како воопшто не се спомнува нејзината употреба, може да се претпостави дека не е во некоја позначајна употреба. Излезе дека проектот со кој надлежните се бавеа неколку месеци, за кои трошеа и време и ресурси сега не се користи и дека се било залудно. Зошто е така, треба да објаснат надлежните. Штета што од политиката си замина поранешниот министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, тој најмногу ја презентираше и тој требаше сега да објасни.
А, и без тој да каже, се гледа дека целиот проект не бил доволно осмислен во делот на спроведувањето, дека нешто не било добро предвидено и подржано во време на неговото користење. Се надеваме дека Манчевски ова искуство сега може барем во приватните бизниси, каде што замина, да го искористи.