На Интерните одделенија во болниците во Македонија треба да се обезбеди дополнителен простор за пациентите и да се активира медицинскиот кадар од скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, како дополнителна помош во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде се третираат пациенти од ковид-19. Ова било заклучокот по денешните состаноци на министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со директорите од Универзитетските клиники, Клиничките и општите болници ширум државата, како и со главните медицински сестри од Клиниките во Скопје.
Министерството за здравство соопшти дека е договорено сите директори да направат што побрза реорганизација.
-Во периодот кој претстои ги зајакнуваме сите здравствени капацитети во земјава. Правиме целосна мобилизација на здравствените работници од јавното здравство, кои ќе бидат вклучени во лекувањето на пациентите со корона вирусот, а исто така ќе им бидат помош и на колегите во Инфективните одделенија. Спремаме дополнителни капацитети со цел подобро справување со овој непредвидлив вирус во зимскиот период, рече министерот Филипче.
Тој додаде дека се очекува да пристигнат и брзите тестови за помош при детекција на присуство на ковид вирусот при хоспитализација на пациентите.