Со Јане Стефанов, креаторот на Фејсбук-група „Ѕид на сообраќаен срам“ која обединува повеќе од 95.000 членови кои разменуваат мислења за проблемите во сообраќајот во Скопје и во други градови, зборуваме за сообраќајот, за улиците, за навиките на скопјани…
Како го карактеризирате она што се случува на скопските улици?
–Состојбите во градскиот сообраќај се такви каква што е културата на ученици во сообраќајот. За жал, нашата култура е многу ниска. За да биде јасно групава нема намера да ја врши работата на полицијата, или да го спроведува Законот за сообраќај, туку да покаже колку ни е лоша состојбата. Кога ќе видиш колку погрешното паркирање задава маки на родителите со бебешки колички или луѓето со попреченост, ќе размислиш двапати каде ќе ја оставиш колата. Некако во ова време на брзо живеење луѓето заборавија еден на друг… се поретко застануваат да помогнат на пат… Е, токму негативните страни на брзото живеење сакаме да ги смениме. Не е ова група за едукација, возачите веќе ги знаат добро правилата, знаат како треба. Ова е група што ги покажува реалните проблеми на граѓаните. Тие што се доволно големи и значајни што ги тера да застанат, да го извадат телефонот, да сликаат и да постираат.
Друга значајна функција на групава е разбивањето на митови. Преку дебатите за „Пајаците не работат на Јаја Паша“ и „секој паркира кај ќе стигне“ се информираат членовите дека не се баш вистинити тие тврдења. Па учиме да не генерализираме поединечни случаеви. За да може да функционира вака групата поставени се правила кои строго ги спроведуваат осум неуморни администратори. Истите ги поттикнуваат дебатите ако видат дека се вредни за дебатирање.
На што, според Вас, се должи таквата состојба на улиците?
-Скопските улици се онакви какви што отсекогаш биле, тоа што се менува е културата на учениците во сообраќајот. Не зборувам за образованието, не е дека не знаат како треба да се однесуваат, туку под мотото „сите го прават тоа“ ги оправдуваат своите грешки. Оваа одвратна флоскула е заслужна за погрешното паркирање, движење во спротивен правец, прелетување на црвено, непочитување пешачки премин, пијани возачи, слалом со велосипеди и мотори меѓу коли. „Сите го прават тоа“ во комбинација со „нема баш мене тоа да ми се случи“ прават фатална комбинација на потенцијални убијци и лешови.
Не се шегувам, луѓето навистина веруваат дека ситуацијата не може да се смени, па им се придружуваат типот на возачи „никој ништо не ми може“ што кршат сообраќајни правила.
„Ѕидот на сообраќајниот срам“ е наменет токму за нив. Да видат дека општата перцепција не е точна. Верувајте работите се менуваат, полека но сигурно се менуваме на подобро. „Партизанска“ е чиста од автомобили, Градскиот парк не е паркиралиште, велосипедистите возат по патеките… Далеку е од идеално, ама идеме натаму.
Полицијата во последниот период спроведува интензивни контроли, изрекнува казни…
-Полицијата треба да си ја работи својата работа. Да го спроведува Законот непристрасно, подеднакво за сите и со професионален однос. Не ретко се јавуваат фотографии на групава од полицајци паркирани непрописно пред кладилница или на мотор без кацига. Оправдувањето им е дека се на задача, ама па и кога си на задача не мора баш да паркираш на велосипедска патека. Паричните казни не треба да се основа за подобрување на сообраќајниот ред. Тука се и кампањите, едукацијата во училиштата и други алатки што не мора да ги измислуваме туку само да ги адаптираме и имплементираме од земјите каде тоа функционира.
Мислам дека време да се направи Законска рамка и систем за казнување со општествено корисна работа. Паркираше на зелена површина, три дена ќе косиш и садиш трева. Верувам тоа ќе биде по делотворно од парична казна.
Дали нешто и друго треба да се менува: на пример, начин на обука за добивање возачка дозвола, промени во сообраќајна инфраструктура…
–Според она што го имам прочитано низ дебатите на Ѕидот неколку работи би помогнале.
Стеснување на ширината на улиците и правење велосипедски патеки. Психологијата вика колку е потесно, поспоро возиш. Ширење на велосипедските патеки и нивно ограничување од пешачките патеки. Пешаците наводно, милувале да одат по велосипедски патеки. Стимулирање на инструкторите за возење и нивна дообука во делот психологија на возач. Ова е многу битно ако сакаме да се менуваат работите. Обично децата се однесуваат во сообраќајот онака како што се однесуваат нивните родители. Нема ни еден млад возач да го чека зеленото светло ако татко му не го прави тоа. Мора да се работи на исправување на лошите навики.