Писателот Стојан Тарапуза смета дека на градот треба да му помагаат сите граѓани и дека само на тој начин тој ќе стане место за убаво живеење…
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
–Ми навираат мислите од минатото што веќе се спомени а спомените се гнезда на сеќавањата. Скопје го сакам затоа што беше мало тогаш, а се што е мало повеќе се сака од тоа што е големо. Во мало место, мал град интимата е поголема и поактивни сме во работата, во создавањето и размислувањето. Имаме време. По 60 години Скопје сега ми е понепознато, се гради секој ден, Со тоа што Скопје е се поголемо се помали ни се чувствата, се потесно ни е.
Скопје го сакам и заради тоа што во него ги доживеав првите денови по земјотресот. Катастрофалниот земјотрес ме затекна на патот кон Скопје. Бев повикан да дојдам во Скопје од Васил Куновски, да почнам да работам за “Детска радост“. Кога од Кочани тргнав за Скопје во мене цело време имаше некој немир. Кога возот застана во Штип, како некој ветер да ме оттурна и јас слегов на станицата во Штип. Претхофно не сум планирал, но како судбината да ми нареди и ми кажа: „Слегувај“. Слегов и отидов кај другар ми од Штип да преспијам и да прославиме оти сум примен на работа. Изутрина сите ја слушнваме веста за земјотресот. По два дена Симон Дракул ме зема со кола од Штип и ме однесе за Скопје. Напишав и песна и репоража за разурнато Скопје кои беа објавени во „Нова Македонија“.
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
–Тие што се населуваа во градот веројатно го сакаат големото Скопје. Јас си го сакам малото Скопје во кое се знаевме сите, во кое се дружевме, одевме на игранки, во кое пријателствата беа посилни…
Ова сегашно Скопје ме изморува, не ти дава да ги раскрилиш желбите. А желбите се птици невидливи.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
–За да може на еден град да се даде мора сите да му дадеме. Не може градоначалник сам да направи. Мораме сите да помогнеме. Не биле исти сите градоначалници. Се зависи од човек до човек. Треба сами да му помогнеме на нашиот град и на својот народ. Тогаш секој може да придонесе со што може и со што градот ќе стане подобар. Сите на свој начин. А градоначалниците, некој бил поуспешен, некој помалку.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
–Како новинар дојден од провинција, се што му дадов на Скопје се моите стихови и раскази. Имал и поголем подарок од песна. Прва песна и репортажа за разурнато Скопје. Еден сликар треба да слика, композитор да компонира, а писател да пишува. И на таков начин да му помогнеме на својот народ.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
–Се гордеам со Скопје какво што е сега, иако за мене старото Скопје е подобро. Се гордеам со спомениците што ги има и со се она што го обележува како велеград. Тука е еден Камен мост, една Универзална сала, Зоолошка градина… има уште многу убавини во градот кои треба да се откријат и да се посетуваат за да ги запознаеш до крај.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
–Скопје е преголемо и треба да се запре со доселувањето во него. Ги запустивме селата и градовите во внатрешноста а Скопје го направивме како единствен град во Македонија. Се прашуваме ли некогаш, кој ќе ни работи на нивите? Се губат луѓето. Треба да се гради и во внатрешноста на земјава за да луѓето остануваат и таму. Не можеме без храна.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
–Ми недостасуват многу игралишта за деца, многу зеленило, чист воздух, библиотеки, повеќе културни манифестации. Сето тоа е една духовна храна која ни е потребна исто како што ни се потребни материјалните добра.
А вишок ми се високите згради кои што ни го одземаат чистиот воздух и во кои имате чувство како да сте затворени во кутии. Згради не треба да бидат повисоки од 4-5 ката за да имаме слободно стуење на воздухот. Тешко е најмногу за болните кога се наме воздух. Кога немаше толку високи згради дишевме слободно.