Шест лица се осомничени за кражбата на близу два тона марихуана од складиште на фирма во селото Јосифово, од кои до сега е најден само дел, соопшти вчера портпарол на МВР Тони Ангеловски .
Тој не откри колкава количина е откриена и запленета во скопско Арачиново и другите локации, каде полицијата врши претреси од синоќа. Кражбата, познато е, беше извршена меѓу 3-4 декември во склад на фирма во Јосифово при што се одземени два тони марихуана.
–Веднаш по добивањето на пријавата преземени се соодветни мерки и активности и по добиени оперативни сознанија извршени се претреси во Арачиново, Горно Мојанци и други локации при што е пронајдена дел од дрогата и други предмети поврзани со кривичното дело, а приведени се и дел од осомничените. Досега имаме шест осомничени лица за кои имаме обезбедено докази, но истрагата се проширува и продолжува, се до целосно расчистување на овој случај, рече Ангеловски.
Дел од запленетите предмети при претресите во Арачиново вчера попладнево со камиони беа изнесени од селото. Досега се знае дека од складиште во валандовското село Јосифово со камион биле украдени 200 кутии со два тона канабис. Кражбата била извршена во 3 часот наутро. Полицијата во саботата го лоцирала камионот, но без приколка. Бил оставен на паркинг на патот кон граничниот премин Блаце. Истрагата потоа ја одвела полицијата во скопско Арачиново, а од таму и кон соседното село Мојанци.
Фирмата од која била украдена марихуаната има лиценца за производство на марихуана од 2018 година. Проценките се дека украдените два тона марихуана чинат околу 6 милиони евра, а доколку се произведе масло цената би достигнала до 10 милиони евра. Марихуаната била подготвена за производство на масло од канабис за медицинска употреба.