Колумна на Горан Милковски:
Зошто немаме квалитетен спорт? Дали навистина сме земја на непресушни таленти или пак земја на родени губитници? Зарем не можеме да бидеме рамноправни со најдобрите? Зошто другите држави слични на нас по бројот на жители успеваат, а ние не? Дали треба да се задоволиме само со учество на значаен спортски настан? Што треба да направиме за да бидеме на врвот, да бидеме шампиони?
Ова се дел од многуте прашања, кои неброен број пати си ги поставил секој љубител на спортот. Но, како и за се во животот, така и во спортот има правила без кои не може да се очекува успех. Почнувајќи од рана и прецизна селекција, детектирање на талентите преку соодветен почеток на тренажни активности, подготовки и настап на натпревари, со многу работа и посветеност на сите кои имаат предиспозиции да дојдат до врвен резултат. Секако, неопходни се и едуцирани и фокусирани тренери, услови за тренинг и натпревари и спортска организација која ќе делува и на домашен и на меѓународен план за создавање на потребните услови, како предуслов за остварување на врвни резулатати.
Наспроти тоа, стихијниот и нестудиозен пристап е главната причина што од независноста на Македонија ги немавме посакуваните или барем реалните резултати, кои ќе одговараа на квалитетот на спортистите кои ги имаме во даден момент.
Попрецизно тоа значи речиси три децении фрустрации, лутање и експерименти, главно неуспешни, слично како и во водењето на државната политика. Речиси три децении во кои постојано се влегува со големи очекувања, а се завршува со разочарувања. И како по правило, секогаш вината е кај некој друг, а никогаш во сопствените слабости и грешки. И со чесни исклучоци, тоа продолжува и трае до недоглед.
Каква е улогата и одговорноста на Македонскиот Олимписки Комитет во ова сивило и потпросечност на резултати во спортот? Жалосно е што организација која треба да биде врв во спортот, 27 години работеше спротивно од основните начела на Меѓународниот олимписки комитет, како и дел од законите во државата. Жалосно е што додека другите се радуваат на олимписки медали, ние се радуваме на доделена „вајлд карта“.
Конечно, во генерално погрешната стратегија во најголем број од спортовите, како светло на крајот на тунелот, повеќе од една деценија сепак имаме позитивен пример со каратето. Иако во сенка на популарните екипни спортови, сведоци сме на континуиран успех на овој спорт на сите нивоа, од организациски се до резултатски план. Имињата на Наташа Илиевска, Емил Павлов, Берат Јакупи, Жарко Арсовски се респектирани насекаде низ светот и се само дел од оние кои се искачија на подиумот на сениорските европски и светски првенства. Високите критериуми поставени и исполнети се дел од процесот на создавање на врвни спортисти и карактери на шампиони, се пример и за останатите спортови во кој правец да се движат.
Се разбира МОК и државните спортски институции треба да ги обезбедат базичните услови за развој на спортот. Таленти имаме, но немаме услови за нивeн развој!