Градските власти одново планираат средства во буџетот за следната година за изградба на Луна – паркот, но пак се поставува прашањето дали ќе се почне со градењето. Во градската каса за следната година, за која денеска ќе се изјаснуваат градските советници, се планирани 1,45 милиони евра кои треба да се потрошат за таа намена. Во ставката означена како изработка на проект на забавен парк се предвидени 10 милиони денари односно 161.000 евра, за набавка на реквизити 483.000 евра и за изградба предвидени се 806.000 евра.
Да потсетиме, и во текот на оваа година, исто така, беше планирано да почне со градба на новиот Луна – парк, меѓутоа, во април годинава градоначалникот Шилегов реши кредитот кој требаше да се подигне за оваа намена да се пренамени за реконструкција и градба на нови улици во градот. Инаку, во ноември 2019 година беше најавено дека во текот на оваа година ќе се тера проектот за забавен парк. Претходно, во мај 2019 година италијанската архитектонска фирма „Бауса“ го презентираше проектот за тематски забавен парк во Градски парк во Скопје, што требаше да биде завршен до средината на 2020 година.
-Скопје не е голем град како Њујорк, па да има потреба од Дизниленд. Проектот што го подготвивме е соодветен за Македонија и прво тргнавме од тоа колкава посетеност би можел да има паркот. Нашите проекции се околу 300.000 посети годишно и тоа само од домашни луѓе, односно 3.000 на ден и 1.300 во еден момент. Така дојдовме до еден парк со големина од 26.000 квадратни метри, објасни тогаш Франко Бараѕони, кој во името на „Бауса“ го презентираше проектот насловен „Светот“.
Планот превдува да има три области во паркот, детска, семејна и адреналинска, со тоа што првите две заедно зафаќаат 80 проценти од просторот. Третата е за оние кои бараат поголема возбуда. Паркот ќе има 24 реквизити, кои тематски ќе бидат поделени по држави, па оттука и името „Светот“. Но, се уште не е познато дали новиот парк ќе се гради токму споре довој проект.
Луна паркот не работи од април 2017 кога тогашниот градоначалник Коце Трајановски ги почна градежните работи за изградба на нов парк.