Сериозен е бројот на младите кои се коцкаат и дрогираат, треба брза превенција

Со Славица Шекутковска, социјален работник од Здружението на социјални работници на Град Скопје зборуваме за се поголемиот број на млади кои се коцкаат, за користењето на дрогите меѓу нив…

 Во јавноста се појавија информациите од истражувања за се поголема зависност на младите од обложување и коцкање. Што укажуваат и на што предупредуваат тие?

Резултатите од направеното истражување од страна на нашето Здружение и од партнерите укажуваат дека 69 отсто од анкетираните ученици веќе практикуваат игри на среќа. Возраста на првиот контакт е кај најголемиот број испитаници на 14 год., но има и лица кои играле игра на среќа и на 7, 8 и 9 години. Интересни се податоците кои упатуваат дека и родителите и наставниците не оставаат јасни пораки за негативните последици од обложувањето и играњето на игри на среќа. Во земјава веќе имаме сериозен број на лица и семејства кои се соочуваат со овој проблем и дека што поскоро треба да се превземат конкретни активности во насока на превенција, лекување и ресоцијализација од играње на игри на среќа. Многу семејствата кои се соочени со овој проблем се чувствуваат немоќни, не се информирани за начинот на лекување како и тешко прифаќаат дека проблемот постои.

Активностите кои треба да се превземат се однесуваат на ниво на локалната заедница со вклучување на сите локални актери од образовниот, социјалниот и здравствениот систем. Треба што поскоро да се работи на подигање на свесноста кај граѓаните за ризикот од проблематично играње на игри на среќа, да се организираат трибини, разни видови едукација и слично.

Загрижувачки се и податоците за обемот на користењето на дроги…

– Загрижува интересот кај младите за експериментирање со дроги и е на се пониска возраст. Првите контакти најчесто младите ги започнале од 15 до 19 години, но има и такви кои тоа го направиле многу порано на 9 и 14 години. Посериозен проблем е негацијата на проблемот од страна на семејството како и од самата личност. Најчесто тие мислат дека проблемот можат сами да го надминат па така губат 4-5 години. Всушност, ова е период во кој би се постигнале најдобри резултати ако се започне со лекување. Откако ќе се создаде проблематично однесување и создаде зависност се потешко е успешното лекување. Најчесто кај младите првиот контакт е со марихуаната, а потоа продолжуваат да експериментираат со другите дроги. Подоцна откако ќе се создаде зависноста доаѓаат проблемите со кои се соочуваат а се однесуваат на медицински, психолошки и социјален план.

Како општеството треба да ја води битката против овие појави? Како да постапуваат семејствата, школите, други институции…?

-Активноста на општеството е да креира законска регулатива преку која ќе ги контролира овие појави, да креираат програми за лекување, рехабилитација и ресоцијазација на лицата и семејствата кои се соочуваат со овие болести. Семејствата се најодговорни за воспитувањето на своите деца и мислам дека од тука започнува се. Но, за жал, тие имаат се помлаку време за нив. Воспитувањето на децата се очекува дека треба да биде во образованието, каде пак се соочуваме со други проблеми и така децата се наоѓаат во еден систем во кој сеу ште не се препознаваат вистинските вредности.

Родителите треба поголемиот дел од своето време продуктивно да го поминуваат со своите деца, да ги научат да го препознаваат и разликуваат позитивно од негативно. Образовниот систем треба да се труди да креира програми преку кои децата ќе ги придобива во училиштата и ќе станат партнери во образованието со поставени авторитети на здрава основа. Наставниците да инвестираат во создавање и прифаќање на здрави животни стилови кај децата.

Дали обложувалниците да бидат подалеку од школите, да се заострат казните за дрогите? Помага ли потегот со најавената легализација на марихуаната?

Сигурно дека отварањето на обложувалниците треба да биде на места кои се потешко достапни за најмладите, децата во образовниот систем, но сепак најголемо влијание треба да имаат родителите и образовниот систем. Па не сум сигурна дека секогаш репресијата или казните ги даваат посакуваните резултати. Сепак, законите се клучни во спроведувањето на контролата на одредени патолошки појави и тие треба да постојат. Сведоци сме дека марихуаната е најчесто употребувана дрога помеѓу младите. За нејзина легализација мислам дека треба да се создадат повеќе предуслови за да не се соочиме со многу сериозни проблеми и да не ги добиеме очекуваните позитивни резултати. Се надевам дека подготовките на сите активности кои бараат спроведување на оваа активност ќе бидат испочитувани за да не се соочиме со дополнителни проблеми.

 

Претходна вестПендаровски ќе работи да се запре иселувањето од Македонија или и тој ќе се исели?
Следна вест9.000 петарди пронајдени во автомобил