Пендаровски ќе работи да се запре иселувањето од Македонија или и тој ќе се исели?

Иселувањето на младите од Македонија е навистина загрижувачка појава. Прават ли властите доволно за да се намали тој тренд или пак си тераат своја работа која е често и причина за заминување на младите?

Еве пред некој ден и Претседателот на државата Стево Пендаровски беше многу загрижен од иселувањата. Тој во своето годишно обраќање кажа дека тоа претставува најголема закана за националната безбедност.

-После години поминати во следење и анализа на катастрофалните демографски индикатори, треба да разбереме дека иселувањето е една од најголемите закани за нашата национална безбедност. Решението е, час поскоро, со натпартиски консензус да усвоиме стратегија за справување со овој огромен проблем. За ова, сите партии и политичари имаме идентичен став затоа што се иселува нашата младост, независно од етничката или партиската припадност, рече Пендаровски.

Тој потсети и на тоа дека со иселувањето неповратно заминува паметта, енергијата и креативноста на цели генерации кои имаат огромен потенцијал да ја направат својата земја пристојно место за живеење.

Кога тој ќе закаже лидерска средба за овој проблем или посебно ќе се обрати во собранието или ќе покрене низа други конкретни активности? Ако велиш дека нешто е најголема закана, на тоа треба да се одговори со дела, а не само со зборови.

Во спротивно младите ќе видат дека нема атмосфера – амбиент во Македонија за напредок и ќе си продолжи трендот на иселување.

А дали конкретно ќе реагира Претседателот ќе видиме многу скоро (иако требаше и до сега да видиме, но…). А до тогаш да потсетиме што тој за иселувањето во Македонија рече во ноември минатата година на Форумот на млади лидери во Нови Сад:

-Младите во регионот имаат право да бараат работа низ светот доколку политичарите не им пружат соодветна перспектива. Тие имаат само еден живот, сите имаме само еден живот и никој не е луд да го троши додека преговорите со ЕУ траат со години, а притоа просечната плата во земјата земја изнесува 400 евра. Да не бев претседател и самиот би се иселил од мојата држава. Шансата да се задржат младите луѓе во регионот е во тоа Западен Балкан да почне да ги користи сопствените ресурси и да продолжи со регионални автономни инцијативи, создавајќи нешто како мала ЕУ, рече Пендаровски.

Владата и Пендаровски треба да си засукаат рукавите да се запре иселувањето на младите и да се подобри животот во државата. Да не бидеме сведоци Пендаровски по истекот на мандатот да се придружи на илјадниците млади кои заминале од земјата… тоа би била голема загуба за Македонија.

Претходна вестСтоилковски: Шилегов плаќал по 50.000 денари месечно за правни совети од неговата адвокатска фирма
Следна вестСериозен е бројот на младите кои се коцкаат и дрогираат, треба брза превенција