Да се спроведе исцрпна јавна расправа за новиот концепт на образование со активно учество на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието, заклучила Владата на вчерашната седница. Целта е, како што се наведува во соопштението, низ максимално инклузивен процес на сите засегнати страни да се дојде до најдобри решенија и висока согласност за најавениот концепт за основно образование. Се сака и да се појаснат некои од прашањата што ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова концепција за образование.
-Презентацијата јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма, се наведува во соопштението.
Се потенцира и тоа дека новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку продолжуваат заеднички да ја планираат наставата, со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин.
Од друга страна, првичните реакции кои дојдоа од самите наставници по историја, географија, од научни институти па се до највисокото академско ниво покажувата дека не се прифаќа интегрирањето на повеќе предмети во еден. МАНУ и други организации категорично побара задржување на предметите историја, географија, музичка уметност…
-Бришење на предметот историја во моменти кога Македонија има проблем со странични и внатрешни удари врз македонскиот идентитет е навистина нелогично, избрзано и штетно, беа дел од реакциите.