Во време на 87-дневната вонредна состојба колку што траеше во текот на годинава поради пандемијата на корона вирусот околу 3.500 лица ги прекршиле здравствените прописи во Македонија, информира државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната онлајн средба со новинарите. Тој додаде дека во цела година се постапувало и против повеќе други лица.
– Во оваа година обвинителствата во земјава постапуваа против над 25.000 полнолетни сторители на кривични дела. Со поинаква организација на работата, Обвинителството обезбеди непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи, наведе Јовески.
Оваа година биле поведени и дисциплински постапки против пет јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето. Еден обвинител од ОЈО Скопје, кај кого било утврдено нестручно работење, поднел оставка која ја констатирал Советот на јавни обвинители. Донесен бил и Правилник за следење на квалитетот на работењето на јавните обвинители и нивното поединечно оценување.