Дури и диносаурусите ќе стигнат во т.н. „Дино парк“, а уште не се гледа на терен дали Луна паркот ќе се гради според проектот кој веќе е презентиран и подготвен под името „Светот“. Имено во мај 2019 година италијанската архитектонска фирма „Бауса“ го презентираше проектот што требаше да биде завршен до средината на 2020 година. Откако тоа не се случи, градските власти одново испланираа средства во тековната година за градење, бидејќи образложението беше оти претходната, 2020-та, парите биле пренаменети за изградба на патишта. Скопјани се скептични дека воопшто ќе почне да се гради Луна парк.
А италијанската фирма до детали го имаше испланирано изгледот на Луна – паркот:
-Скопје не е голем град како Њујорк, па да има потреба од Дизниленд. Проектот што го подготвивме е соодветен за Македонија и прво тргнавме од тоа колкава посетеност би можел да има паркот. Нашите проекции се околу 300.000 посети годишно и тоа само од домашни луѓе, односно 3.000 на ден и 1.300 во еден момент. Така дојдовме до еден парк со големина од 26.000 квадратни метри, објасни тогаш Франко Бараѕони, кој во името на „Бауса“ го презентираше проектот насловен „Светот“.
Сепак со буџетот за 2021 се планирани 1,45 милиони евра кои треба да се потрошат за таа намена. Во ставката означена како изработка на проект на забавен парк се предвидени 10 милиони денари односно 161.000 евра, за набавка на реквизити 483.000 евра и за изградба предвидени се 806.000 евра.
Ќе почне ли тоа да се реализира? За „Дино Паркот“ многу најави и фалби гледаме, за другово…
Инаку, Луна паркот не работи од април 2017 кога тогашниот градоначалник Коце Трајановски ги почна градежните работи за изградба на нов парк.