Мицкоски работи на создавање парламентарно мнозинство, а Иницијативен одбор во ВМРО-ДПМНЕ работи тој да замине на вонреден конгрес

За 28 март во Скопје е закажан вонреден конгрес на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на кој ќе се гласа за довербата во актуелниот лидер Христијан Мицкоски. Ова денеска го соопшти Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес кој во соопштението потенцира дека е обезбедена поддршка од делегати кои гласале на конгресот кога беше избран Мицкоски за претседател.

-Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес, по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, пишува во соопштението.

Овој одбор делува веќе подолго време, а во него се поранешните градоначалници на Дојран, Аеродром и Бутел, како и други членови на партијата.

-Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и тоа го препознаваат граѓаните, велат од Иницијативниот одбор.

Во соопштението се додава дека Мицкоски нема поддршка ниту од членството, а уште помалку од неутралната јавност.

Од друга страна пак, актуелниот лидер вчера најави битки за стопирање на пописот. Ова следува откако вчера претседателот на Собранието, Талат Џафери, му ја вратил иницијативата за собирање потписи за одложување на пописот бидејќи во неа не е користено новото уставно име „Република Северна Македонија“ туку старото „Република Македонија“.

Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува. На седницата на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање на граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Освен ова, тој деновиве изјави дека има придвижувања во однос на зголемувањето на бројот на опозициските пратеници во Собранието, но од медиумите побара трпение потенцирајќи дека тоа „многу брзо ќе се знае“.

– Има. Бидете трпеливи. Го реков тоа и во моите изјави пред неколку недели. Бидете трпеливи. Многу брзо ќе знаеме дали јас сум бил во право или Зоран Заев. Можеби има политички партии што се дел од коалицијата со СДСМ. Не би сакал сега во моментов да зборувам работи за коишто е потребно, верувајте, голема дискреција за да може целта да биде остварена, а целта е оваа Влада да падне, изјави Мицкоски.

Претходна вестЦрна Гора испраќа тешко болни ковид-пациенти на лекување во Австрија
Следна вестСАД се најмоќна воена сила во светот, втора е Русија, во регионот најсилна е Србија, Македонија е на дното на листата