Во сите пописи од 1948 наваму имало код за бугарска етничка припадност. Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Симовски денеска ја даде оваа изјава, откако медиумите побараа коментар од него на денешната изјава на министерот за здравство Бујар Османи на Фејсбук со која тој ги повика претставниците на бугарските здруженија во земјава да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот.
-Полето, каде што треба да се впише етничката припадност е празно за да не му се сугерира на лицето, во однос на неговото изјасување. Во електронската апликација се впишуваат првите три букви на таа припадност, се појавува поле за избор на етничка припадност заради кодот, а во таа кодна листа се ставени сите етнички припадности, што сме ги имале досега, а во случај да се пријави етничка припадност што досега не сме ја регистрирале, и таа ќе стане дел од кодната листа, вели Симовски.