Досега во преговорите со Република Бугарија не е разговарано бугарската етничка заедница да биде вметната во нашиот Устав и нема такво барање од бугарските власти, велат од Владата.
Појаснувањето следи откако министерот за надворешни работи Бујар Османи за ТВ 21 изјави:
-Немам никаква резерва по однос на прашањето Бугарите да бидат спомнати како посебна етничка заедница во Уставот ако тоа им значи.
Вчера Османи, одговарајќи на новинарско прашање да ја појасни оваа изјава, рече дека нашата држава никаква резерва да ги прикаже граѓаните така како што се претставуваат.
-Државата ги штити индивидуалните и колективните права и нема да дозволиме, дали поради изборна агенда, дали поради билатерални разлики, некој да ја прикаже државата дека ограничува индивидуални или колективни права. Немаме никаква резерва да ги прикажеме граѓаните така како што се презентираат и не смееме да дозволиме некој да прави кампања дека државата прави притисок, репресија на кој било граѓанин заради својата етничка припадност, изјави Османи.