„Историски ден за Скопје“, „први на Балканот“, „гордост“, „успех за целата наша држава“… сето ова беа епитети со кои вчера скопскиот градоначалник Петре Шилегов го окарактеризира чинот на потпишувањето на кредитот од 70 милиони евра за воведување на „трамвајот“ односно БРТ-системот за брз автобуски превоз во градот.
Градоначалникот така го доживеа позајмувањето на толку пари со кои градот треба да добие нов систем на јавен превоз кој треба да ги намали секојдневни бројни проблеми на граѓаните и градот. Се најави за годинава и распишување на тендер за изградба, се најавија и рокови, се знаат и линиите, се најави и дека превозот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе биде пократок за трисетина минути…
Но, дали скопјани ќе добијат историско нешто останува да се види. Историска беше и набавката на преку 200 градски автобуси од Кина пред девет години па во градот не се случи и историско решавање на проблемот со јавниот превоз.
Сега, меѓутоа, се поставува и следно прашање: може ли да се смета за историски проект кој ќе се прави со ново задолжување на граѓаните? Со кредитот државата се задолжува со нови 70 милиони евра во ситуација кога до сега значително се задолжи поради ублажувањето на последиците од пандемијата со корона вирусот. Долгот сега станува уште поголем, а со тоа и обврските за некои нови генерации на граѓани.
Дали многу поисториски ќе беше ако вчера се почнеше со градба без толкаво задолжување, туку и со средства кои се заштедени при рационално работење во Скопје? Колку буџетски средства до сега се расфрлаа непотребно?
Инаку, ако ваков проект со големо задфолжување е „историски“, тогаш колку нови „историски“ проекти може да се направат во градот и во државата ако се земат нови и нови странски кредити? Сигурно многу.
Но, кој дома зема 7 – 8 кредити во исто време?