Вработените во институциите имаат предност за вакцинирање пред лицата со ретки болести

Лицата со ретки болести ќе бидат вакцинирани во следниот период кога во земјава ќе има поголема количина вакцини. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во приоритетните листи биле ставени вработени во институциите и лица што ја менаџираат кризата, и побара од нив да имаат разбирање и да се стрпат бидејќи во следниот период ќе стигне поголем контингент вакцини.

Од Националната алијанса за ретки болести пред три недели пратиле допис до Владата, од каде што, како што велат, им одговориле дека ќе бидат земени предвид како една од приоритетните групи за вакцинација, но без да дефинираат кога ќе биде тоа.

Три недели подоцна, неколку приоритетни групи веќе се вакцинирани, но меѓу нив не се лицата со ретки болести.

Од Националната алијанса за лица со ретки болести споделуваат дека веќе повеќе од година, поради ситуацијата, седат изолирани и се чуваат, како што велат, веројатно трипати повеќе отколку генералната популација, баш од страв бидејќи не знаат што можат да очекуваат од вирусот.

Според нивна проценка за нив ќе бидат потребни околу 2.000 дози вакцини, бидејќи дел од овие лица со ретки болести се деца за кои не се одобрени вакцините, па би се вакцинирале родителите и лица што се грижат за тие пациенти.

Претходна вестИталијански државјанин со лажен ПЦР-тест сакал да се качи на авион во Скопје
Следна вестСе запали плевна во Смилковци, повредено едно лице