Објавен е јавниот повик за четвртиот по ред „Skopje Light Art District“ (SKLAD).
-Главната тема на ова издание ќе биде Сонцето како непресушен извор на светлина и бесконечен извор на енергија. Врската помеѓу Сонцето и Земјата го создава и оддржува целокупниот живот на планетата. Уште од самите почетоци на човештвото Сонцето симболизира врховна моќ, знаење, божественост, енергија, сила и повторно раѓање, стои во соопштението од организаторите на фестивалот, Универзална сала со поддршка од Град Скопје.
Можат да учествуваат сите заинтересирани автори кои креираат во сферата на светлосната уметност, светлосните инсталации, видео арт или го користат светлото како главен израз на визуелно и уметничко изразување. Покрај официјалната пријава,заинтересираните треба да достават и наслов, детален опис, скици, концепт на предлог проектот, проект дизајн, програма со предлог финансиска конструкција за реализација на истата; да наведат локација за која се аплицира; фотографии и/или видео од делата доколку истите биле претходно изложени; потребна опрема за реализација на делото; професионално портфолио и кратка биографија/CV на уметникот/уметничката група. „SkLAD“ е основан во 2018 година со цел да создаде нов културен и социјален настан со фокус на светлосната уметност.
Преку минатите изданија во 2018, 2019 и 2020 година, SkLAD успешно го претстави Скопје на мапата на европски фестивали на светлината, презентирајќи светлосни инсталации и уметност во нови медиуми на водечки уметници од светот, преку нивно истакнување на домашната уметничка сцена.