Со години Македонија чека да добие нов, модерен Клинички центар. До сега добиваше само ветувања, планови, смена на плановите…, а сега има и препукување меѓу власта и опозицијата.
Едноставно, наместо конкретни договори и чекори кон реализацијата за доброто на граѓаните изградбата на новиот Клинички центар никако да излезе од меѓупартиските пресметки на двете најголеми партии. Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ пред месец дена имаа средба на која беше договорено деблокирањето на овој проект, но повторно се појавија разликите поради кои целиот проект е парализиран. Владеачката СДСМ обвини дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прекршила ветувањето дека ќе се откаже од блокади на важни закони за граѓаните, вклучително и законот за нов Клинички центар.
-Тие се уште блокираат, опозицијата работи директно на штета на граѓаните и државата, бидејќи со блокадата на овој закон попречуваат македонското здравство по 80 години да добие нов и модерен Клинички центар,се наведува во соопштението од СДСМ.
Наспроти ова, од ВМРО-ДПМНЕ изјавуваат дека на сребата било поинако договорено.
– Претседателот Мицкоски на последната средба со Заев даде конструктивно предлог-решение кое ќе значи комплетно реновирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кое би чинело околу 100 милиони евра, како и изградба на ургентен клинички центар кој би бил наспроти приватната болница „Жан Митрев“ и со кој би се поврзале Поликлиниката ‘Букурешт’ и ГОБ ‘8 Септември’ и исто така изградба на уште три универзитетски клинички болници во Тетово, Штип и Битола, кои би чинеле по десетина милиони евра“,стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека нема никогаш да бидат против изградба на Клинички центар, но нема да дозволат „да се темели на физибилити студија од 40-тина страни“.
Позициите, очигледно, се дијаметрално различни. Значи ли ова дека парализираната состојба ќе остане и натаму или двајцата лидери повторно ќе се сретнат за да расчистат што да се прави. Вака, времето само залудно поминува, а граѓаните и здравството стануваат најголеми губитници.