Фон дер Лаен му пиша на Вучиќ, ќе му прати ли слично писмо и на Пендаровски?

Најголем дел од политичарите во Македонија често ја изговараат реченицата: Нашата држава нема друга алтернатива освен ЕУ. Затоа тие и упорно чекаат абери од Брисел како да тераат „политика“ понатаму.

Ама, Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, денеска испратила писмо до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а до нашиот претседател- не.

Комесарката во писмото му се заблагодарува на српскиот претседател за „продуктивната средба во Брисел на 26 април“.  Се нагласува и тоа дека особено се радува на соработката за големиот проект за модернизација на пругата Белград-Ниш-Прешево на границата на Србија со Македонија.  

И додека Вучиќ на 26 април беше во Брисел, македонскиот претседател Стево Пендаровски, исто така направи посета на европската престолнина веќе наредниот ден. Но, барем засега писмо од таму до него нема. Зошто? Нема ли какви било атрактивни проекти за Брисел? Кај нас железницата нема да се модернизира? Но, да почекаме, можеби ќе стаса писмо…  

Инаку, во писмото до Белград фон дер Лајен посочува дека проектот за брза пруга е огромен чекор напред и важна пресвртница во односите со Унијата. Претседателката на ЕК истакнува дека „Комисијата веќе работи со полна брзина на реализација на проектот“.  

Во која брзина е македонскиот проект за брза железница не знаеме. Извесно е дека историскиот проект за железничко поврзување меѓу Скопје и Софија одамна е заборавен и се спомнува само ако треба да се добијат некакви политички поени.  

На крајот од писмото што го испрати до претседателот на Србија, Урсула фон дер Лаен инсистира на најбрза и најблиска соработка со Вучиќ, сè со цел да се направи што е можно поефикасен проектот за модернизација на пругата.  

Претходна вестРакометарите денеска ќе ги дознаат противниците на ЕП 2022
Следна вестЕх, да можеше нов клинички центар со партиски препукувања да се гради…