Нов линк за измама на граѓаните: „Владата дава 100 евра по жител за растеретување на инфлацијата“

На социјалните мрежи се шири нов линк од сајтот „vlada-mk.com“ преку кој измамници се обидуваат да дојдат до податоците од платежните картички на македонските граѓани.

-Важна информација. Како дел од мерките насочени кон зајакнување на куповната моќ на домаќинствата воведен е нов додаток од 6.150,00 денари за растеретување на нашите граѓани за време на оваа инфлација. Овој додаток се плаќа по жител а не по домаќинство. Пренос на вашата кредитна/дебитна картича  (3 до 4 дена), се наведува на сајтот.

Веста за сајтот ја соопшти Горјан Јовановски, творецот на платформата Мој воздух- Air Care, инаку советник во Градот Скопје.

-Нов таргертиран фишинг напад. Нов линк се шири по социјални медиуми кон сајтот vlada-mk . com преку кој креаторите се обидуваат да дојдат до податоците за вашата платежна картичка. Приказната е дека Владата давала 100 евра по жител за да се „растерети“ инфлацијата. Сајтот е доста убаво направен, а доменот доволно сличен кон оригиналниот за да збуни некој што не се разбира во истото, објави Јовановски.

Владата информираше дека нема испратено пораки за надомест и граѓаните да не наседнуваат на измамата и да не внесуваат лични податоци на веб страната.

-Ја информираме јавноста дека Владата на Република Северна Македонија НЕМА испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај кој се појави во изминатите часови (прикажан на сликите подолу), станува збор за смишинг и фишинг измама која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат. Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина во која се посочува Владата како испраќач, истата треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови, ниту да одговараат на пораките кои ги добиле. Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и мејлови и да не ги даваат личните податоци. Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот, соопштија од Владата.

Претходна вестВелосипедист од Нераште прегазен на Средно Водно
Следна вестОд ноќеска на полноќ поевтинуваат сите горива