Денот на победата над фашизмот свечено одбележан во центарот на Скопје. Имено, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздник, положија свежо цвеќе по повод одбележување на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот.
-Го славиме вечниот спомен на борците-херои од антихитлеровата коалиција кои го победија нацизмот и ги ослободија европските народи. Вечна им слава!, истакна градоначалникот Богдановиќ.
Денешната свечена церемонија се одржа пред спомен-обележјето на улицата „9 Мај“ во оваа општина, во чест на 76-годишнината од Големата победа и завршувањето на Втората светска војна. Како што соопштија од општината на чинот присуствувале и амбасадорите на Кина, Џанг Ѕуо, на Германија Анке Холштајн, на БиХ Драган Јаќимовиќ, претставник од српската амбасада, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, делегации од Град Скопје и Советот на Општина Центар и други лица.
-Ја наведнуваме главата пред сеќавањето на паднатите и заминатите. Голем поклон и бескрајна благодарност до живите херои, истакна амбасадорот на Руската Федерација, Баздникин.
Спомен-обележјето на улицата „9 Мај“ во Општина Центар е донација од Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, кое минатата година е подигнато во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата во Европа.