Жители на Центар: Ако градоначалникот не може да се справи со мафијата, нека си поднесе оставка!

Ако градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ не може да се справи со урбаниот хаос што е на прагот да ја згази општината преку кулите кај „Холидеј ин“, но и планот за земјиштето кај „Треска“, тогаш треба да си поднесе оставка, сугерираат жителите на Центар, преку социјалните мрежи. Богдановиќ вчера кажа дека советници во општината добиваат закани во врска со „Треска“.

-Прво за кулите кај „Холидеј ин“ сите оправдувања се дека општината ќе страда, дека не може да се избегне градењето… Па чудни објаснувања за елаборатот за суспендирање што уште на почетокот на април е готов а никогаш не е испратен во министерството за транспорт и врски… Па сега дека им се заканувале за „Треска“, па добро што треба да правиме, да го жалиме?!, прашува Маја П. која живее во „Буњаковец“.
-Кога нешто не можеш да направиш, или ја губиш моќта и паѓаш на колена пред криминалот, се повлекуваш, со други зборови си поднесуваш оставка. Тоа треба градоначалникот да го направи, а не да објаснува кога нема оправдувања. Или си решен и не дозволуваш или оставка, доста од чудни правдања, лажни ветувања, јавни жалења пред камерите, нагласува Марко М, од Центар.

Инаку здружението на граѓани „Во одбрана на Буњаковец“ вчера побара од градоначалникот на Општина Центар, Саша, Богдановиќ јавно да ги објави имињата на фирмите и поединци кои во петокот им упатиле заканувачко писмо во врска со можната одлука за урбанистичкиот план на локацијата „Треска“.

Општина Центар вели дека инвеститорите и сопствениците на земјиштето кај „Треска“, преку адвокат испратиле допис до Општината во кој „на најгруб можен“ начин била упатена директна закана кон Советот и советниците на Општина Центар. Според нив, дописот требало да се сфати како крајна опомена пред поднесување кривична пријава до сите советници и до градоначалникот Саша Богдановиќ. Условот е да се прекине работата на конкурсната Комисија и прекин на постапката за спроведување на конкурсно решение како и да не се посегнува кон суспензија на постојните детални урбанистички планови.

Претходна вестСлава им на хероите – одбележан Денот на победата над фашизмот во Општина Центар
Следна вестМалку облаци, малку ветер и многу сонце