Патувачкото кино „МакеДокс“ годинава почнува на 25 јуни, а најпрво ќе ја обиколи Источна Македонија. Ќе трае до 4 јули, а почеточите на проекциите се закажани за 21 часот.
-Магаренцето ќе го започне своето патешествие во грлото на изгаснатиот вулкан забележан и во Хомеровата „Илијада“, полецка по средновековните мостови меѓу кулите ќе го распне платното за првата проекција под ѕвездите. Ќе помине и до најстарата неолитска населба кај Славе Македонски, но и до населеното место во „каменестото корито“ кое е прогласено за град од скоро, во новиов милениум. Магаренцето ќе раскажува приказни, но и ќе збира, стари и нови, како онаа за печалбарот Кочо кој го шверцувал белото злато во утробата на гуски. Бујрум на размена на приказни под ѕвездите во Осоговието, трпеза од шумски боровинки и капини, дружби со мирис од мајчина душица и кантарион каде можеби ќе ни се вкрстат патиштата и со некоја срна или муфлон, стои во најавата за настанот.
Вообичаено за сите настани од изминатиот период и овој пат посетителите ќе треба да носат маска, да дезинфицираат раце на влезот, а ќе им се мери и температура.