Вакцините не смеат да користат годишен одмор

Короната го мобилизира целиот свет. Сите беа и уште се растрчани за да го сотрат вирусот, а воедно и да ги подобрат здравствените капацитети за подобро утре. Како е во Македонија?

Македонската власт кон Короната се однесува(ше) лежерно, збунето, дезорганизирано… како да чекаше самата да си замине. Ниту имаше јасни протоколи, ниту доволно болнички места, ниту соодветен кадар, ниту пак вакцини. А за онаа другата заштита на населението, пред се економската, да не споменувам.

За среќа, вирусот се измори, оти го гони целиот нормален свет. Нашата власт пак, не се измори во објаснувањето дека направила многу вирусот да стивне. Не се споменуваат големиот број починати лица. Но што ако „победата” е само привремена, како и лани во овој период? Се подготвува ли ресорното министерство за евентуален нов бран?

Многу држави уште се борат против пандемијата: масовно имунизираат, организираат нови капацитети, набавуваат вакцини и за следната година…

На своите граѓани им овозможуваат веќе и да бираат која вакцина ќе ја примат. И во Македонија граѓаните можат да бираат, но само дали ќе се вакцинираат во Врање, Ниш или Белград или пак на некој од граничните премини кон Бугарија.

Викендот што измина кај нас вакцината „замина” на продолжен викенд! Не работеше, одмараше и празнуваше. Изгледа во Македонија недела е неработен ден и за вакцините. А божем на македонската вакцина не и беше доволно одмор од јануари до април, кога речиси цел свет се вакцинираше, а нашите власти се трткаа кому да се јават за да купат или измолат некоја кутија вакцини. Кај ли не се јавија. Дури и во британската МИ6.

И пак да се вратам на минатиот викенд. Вакцинацијата беше ставена на пауза. Се добива впечаток дека свесно се развлекува овој процес за да се добие слика дека се е во ред, дека се си тече непречено, но и за да се затскрие фактот дека изгледа повторно зарибаа со набавката на нови вакцини. ЌЕ, ЌЕ, ЌЕ… се изнаслушавме последниве неколку месеци. Де кинески ЌЕ дојдат, де руски ЌЕ дојдат… Ех да можеше со ветувања, лажење и со ЌЕ да се вакциниравме, досега по шест вакцини ЌЕ примевме.

Пандемијата стивна, но не смеат да стивнат активностите на Министерството за здравство и останатите институции задолжени за заштита на населението. Министерот Филипче се пушти во кампања за да ги фали градоначалниците од неговата партија колку биле добри, а наместо тоа требаше да ги активира сите расположливи сили и да ја подготви државата за евентуален нов бран наесен. Но и за да се направи анализа: Што ни се случи?

Здравствените власти се уште не објаснија зошто Македонија во светски рамки е во врвот по смртност од Ковид – 19. Таква стручна анализа нема, а животите на луѓето се најважни!

Сега е време и за да се направи ремонт на протоколите за заштита и за лекување. Можеби таму е грешката! И конечно сега е времето да се градат нови болници, да се прошируваат капацитетите, да се специјализираат нови инфектолози, да се набавува опрема, но и вакцини за следната година. Ни треба и анализа зошто постапките за набавка беа згрешени? Зошто Македонија меѓу последните во светот почна со имунизација на населението? Дури и во разурнатите од војна, Авганистан и Сирија, вакцини стигнаа побрзо, отколку кај нас. До провизии ли беше проблемот или до лошите контакти или пак до незнаењето на партиските рози насадени на клучни позиции во институциите одговорни за ова? Македонија ги чека овие одговори!

Министер за здравство не ставивме за да тера локална кампања. Не треба да го губи фокусот од пандемијата. Македонија нема луксуз за вакцината да користи годишен одмор, оти можеби пак ЌЕ дојде, а вакцини пак ЌЕ нема!

 

Претходна вест„МакеДокс“ почнува на 25 јуни
Следна вестБез вода денеска делови од Капиштец