Не си играјте со образованието и нашите деца

Колумна на Никола Тасев:

Дојде време држави да се фалат дека ќе прават станица на Месечината, на Марс… Во Македонија пак дојде време да се фалат дека направиле спортска сала во училиште…

Учениците во Волково, конечно минатата недела, по 60 години чекање добија нова спортска сала. Убава вест! И централната и локалната власт не ја испуштија приликата да се истопорат со фалби колку се вложува во образованието и во развојот на децата, но испуштија да кажат колку години од осамостојувањето на Македонија, СДСМ имаше министер за образование и зошто до сега ова училиште беше без спортска сала.

Но, да се разбереме, не е ова за фалба ако се знае дека среќата на децата од Волково, за жал, се уште ја чекаат учениците од уште стотина училишта во државата. Тие се уште немаат спортска сала. И покрај тоа што претходната Влада од 2009 година почна, а сегашната го продолжи проектот за изградба на речиси 150 училишни спортски сали, се уште овие ученици „физичко“ имаат во приспособени училници, холови или на надворешни игралишта. Но дел од нив и на земјени терени или на неискосени лединки. Страшно!

Сепак Владата и министерката не седат со скрстени раце, туркаат проект за дигитализација, наскоро учениците ќе добијат таблети, компјутери и дигитални учебници. Ќе бидат реформирани и дигитализирани. Прво ќе трчкаат децата во прашината, а потоа на интернет ќе гледаат како други деца низ светот спортуваат и соборуваат рекорди во салите.

На нашето образованието навистина му требаат реформи, му треба развој и современа настава. Но пред се му треба соодветна инфраструктура. Стотина училишта немаат спортски сали, но и тие што ги имаат или се без греење или им протекува кровот. Тоа треба да се реши! Но треба да се решат и другите проблеми, затоа што боли информацијата дека се уште има училишта со полски вецеа и без вода, се уште во многу училници на средина баботат стари ќумбиња на дрва, мириса на мувла, а друштво на учениците им праваат и глувци кои „слушаат настава“ од шкафчињата каде што се чуваат книгите…

Потоа, на образованието му треба и квалитетен наставен кадар, учители и учителки како од „наше време“, искусни педагози со знаење и авторитет. Наместо тоа, во последните десет години во училиштата се вдомија и многу парадери со партиски книшки. Тие ни ги воспитуваат децата.

Е откако ова ќе се среди, дајте ги дигиталните реформи. Ама нека бидат со стручен пристап и анализа, со користење на искуства од други земји. Реформите мора да бидат комплетни, наместо парцијални решенија што ќе задоволуваат хир на некој политичар.

Се сеќаваме и на проектот „компјутер за секое дете“, колку пари се потрошија, а никогаш вистински не профункционира. Компјутер имаше секое дете, но интернет немаше секое училиште.

Да не биде така и со овој проект за дигитализација! Џабе му е на ученикот дигитален учебник, ако треба да користи полско веце, џабе му е таблет ако нема стабилен интернет.

Не си играјте со нашите деца, обезбедете им сеопфатни услови за учење!

Претходна вестЈа вести гледам, жена ми маици пере
Следна вестМожно ли е одложување на учебната година – Филипче вели се зависи од состојбата со заразата