Наставната година заврши, проблемите останаа

Колумна на Борче Милошески:

Оваа учебна 2020/2021 година, (особено, тие што се директно вклучени во формалниот процес на образование), верувам дека ќе ја паметиме по неколку значајни нешта. Првенствено, на сите ни е веќе познато дека оваа учебна година, генерално се одвиваше преку онлајн настава поради ковид – кризата. Иако, уште пролетта и летото, 2020 година, се очекуваше можен нов бран на епидемија, јас лично, ќе го паметам периодот пред почетокот на оваа учебна година преку тоа што мнозинството советници во БРО заминаа на колективен одмор, непосредно пред септември, односно, кога беше најпотребно да организираат план во однос на тоа, како ќе се одвива наставата во иднина. Разбирливо, наставниците, повторно беа оставени со голем број на отворени прашања и секако, во неизвесност, во однос на тоа, како ќе се реализира наставата. Почетокот на учебната година се пролонгираше приближно еден месец, со најава за нова национална платформа за електронско учење, која што требаше да има централна улога во онлајн наставата. Меѓутоа, сведоци сме дека оваа платформа никогаш не го зазеде местото како што беше најавена, односно, сосема мал процент на наставници успеаа да ја искористат.

Да се потсетиме и како неколку недели по почетокот на годината, голем број на наставници, особено, класните раководители беа принудени на извесен начин да дежураат постојано за да се вршат проби и тестирања на самата платформа. Бидејќи немавме доволно проблеми во образованието, во декември 2020 година, министерката за образование и наука, Мила Царовска, ја најави новата концепција во основното образование. Против овој избрзан и нетранспарентен процес, сосема разбирливо, изреагираа  голем број на претставници од образовно – научната фела, индивидуално или пак колективно.

Оваа учебна година ќе ја паметиме и по тоа дека министерката која ни нуди концепција преку која наводно ќе се зајакнела демократијата и свесноста за значењето на дебатата, не не удостои со соодветна дебата, додека оние онлајн дискусии кои истата ги организираше, беа обична проформа. Оној изговор за дебата во собранието во февруари годинава, верувам дека ќе остане како еден репер за тоа колку силни аргументи имаше страната која беше против оваа избрзана реформа, наспроти оние кој ја поддржуваа истата. За крај на овој краток текст,  да наведам дека оваа учебна година ќе ја паметиме и по најавата за целосна дигитализација на учебниците, во ситуација кога одредени училишта низ нашата држава сеж уште користат, таканаречени полски тоалети. Би сакал тука да напоменам дека и овој пат, министерката неколку пати при нејзини изјави, ,,менуваше мислење” во однос на тоа што да очекуваме од дигитализацијата на учебниците.

Претходна вестДва концерти во рамки на „Скопско лето“ вечерва во Музејот на македонската борба
Следна вестНедела е денот што се најавуваше – кинеските вакцини доаѓаат