Неверојатна загаденост среде лето – синоќа О2 Иницијативата алармираше за високи бројки на присутност на ПМ10 и ПМ2,5 во неколку скопски општини, но и низ цела Македонија. На повеќе места загаденоста е повеќе од 100, а дозволената концентрација е 50 микрограми на метар кубен.
-Надвор не се дише. Да не можеш летно време навечер да прошеташ. Што е ова со воздухов⁉ Некој ќе излезе да објасни⁉ Карпош во 22ч измерени 119 µg/m3 за PM10‼ Цело Скопје околу 100 µg/m3, ко да сме сред зима‼ Вардариште гори редовно, црни чадојни од таму се надишавме.Петре Шилегов, Град Скопје? Не е само Скопје, Кавадарци, Гостивар, Тетово, Велес, Кичево, Битола, Куманово, Кочани, Лазарополе‼, пишува О2 на социјалните мрежи.
До овој момент објаснување од надлежните нема, а јавноста очекува конкретни одговори, не само ветувања дека ќе „излезат и проверат кој загадува“. Последното на тема загадување беше одговорот од владејачката партија на опозициските обвинувања после соголувањето на улицата Орце Николов. На 14 јуни од СДСМ рекоа:
-Сечеа дрвја за да стават бекатон и бетон, а денеска никој веќе не зборува за загадување, туку за раззеленување, а болните и стари дрва се заменуваат со нови. Денеска, наместо кинески двокатни дизел-автобуси, има нови екоавтобуси, а 6.500 грејни тела со субвенции се заменети со инвертери, се велеше во соопштението од партијата.
Од таму нагласуваат и дека во изминатите години во Скопје се подигнати и обновени зелени површини на над 117.000 квадратни метри.