Златко Марин не се предава – повторно ќе се кандидира за градоначалник на Аеродром

Досегашниот градоначалник на Аеродром Златко Марин повторно ќе се кандидира за оваа функција. Тој ова го објави на својот Фејсбук-профил попладнево.

-Како што најавив, денеска и официјално во просториите на ОО СДСМ Аеродром ја доставив кандидатурата за Градоначалник на Општина Аеродром. Им се заблагодарувам на членовите во сите месни одбори кои ми ја дадоа поддршката за нов мандат. Заедно, одиме до нова победа на локалните избори. Продолжуваме со уште посилно темпо и во наредните четири години, напиша Марин.

Неговата објава доаѓа неколку часа откако претходно Александар Филиповски кој исто така е сопартиец на Марин, најави дека тој ќе биде кандидат за градоначалник на Аеродром и дека добил поддршка од месните комитети.

Од СДСМ најавија дека првите имиња на кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ ќе бидат познати на 13 јули на седница на партиското раководство.

Досега има 562 кандидати за градоначалници и 4.530 кандидати за советници, а партијата веќе спровела истражувања, анкети и анализи за 20-тина општини.

Премиерот Зоран Заев минатата недела на настан во Општината Ѓорче Петров, одговарајќи на новинарско прашање дали некој од актуелните градоначалници ќе бидат повторно кандидати, рече дека се зависи од нивниот рејтинг од анкетите и анализите на нивната работа.

Претходна вестЛевица и ВМРО-ДПМНЕ поднесуваат интерпелација за спикерот Џафери
Следна вестШест нови заразени од 1.650 тестирани, нема починати