Хаос со протоколите во училиштата: Нема изолација само за вакцинираните деца и тие што прележале ковид последните 90 дена?

Почетокот на учебната година со физичко присуство уште на вториот ден ја покажа неподготвеноста на образовниот систем и проблемите кои веќе ги предизвикуваат т.н. протоколи што ги донесе владата за функционирањето во училиштата.

Имено, до редакцијата на „Скопско ехо“ се обратија загрижени родители од ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, откако во едно од 8-те одделенија се потврдил ковид-19 случај кај едно од децата. Кога тоа се случило, епидемиолог веднаш проценил дека целото одделение оди во 14-дневна изолација. Откако родителите изреагирале дека вака не треба, и не е нагласено според протоколите но и од надлежните, кои јасно кажаа дека ќе бидат изолирани само директните контакти со детето (лево, десно , дијагонално, напред, назад, на клупите од него ), биле известени од класниот раководител дека дополнително ќе бидат информирани за онлајн часовите.

Во протоколите никаде не стои апсолутна изолација на целото одделение:
-Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале, е запишано во протоколот со реден број 38 донесен од владата.

Но ова не е главната причина за револт на родителите. Брзо потоа добиле информација дека изолацијата нема да важи „само за вакцинираните деца и оние кои прележале ковид последните 90 дена“. Вака одлучил епидемиологот, по што класниот раководител им пренел на родителите.

Сега тие прашуваат:

-Дали ова значи дека не присилувате да ги вакцинираме децата за да шетаат слободно?
-Зошто здравите деца да се ставаат во изолација постојано, па што ако секоја втора недела се разболува по некое дете, зарем во затвор дома здрави да седат?!
-Дали воопшто психолог инволвиравте кога ги правевте протоколите, дали разбирате што им се случува на нашите деца кога заради паушални проценки, здрави ќе остануваат затворени во изолација?

Изутрината, родителите ја известија нашата редакција дека сепак епидемилогот одлучил оти само дел од децата кои биле во подолг и поблизок контакт со заболеното ќе останат во изолација, и ќе следат настава онлајн, додека другите ќе продолжат да си доаѓаат во училница.

Ваквиот епилог на конкретната ситуација во ова одделение е само уште еден доказ дека проблеми има на самиот почеток од училишната година, па прашање е како натаму со нејасни протоколи, неподготвеност, во која единствено организиран е хаосот во училиштата?

Претходна вестСончево и топло со температури до 31 степен
Следна вестСкопје: Казнети 118 возачи, 28 за брзо возење