Со Благоја Менковски, поранешен командант на противпожарната бригада на Град Скопје, сега пензионер, зборуваме за катастрофалниот пожар во Тетово и опасностите од пожарите во Македонија.
Како гледате на пожарот во модуларната болница во Тетово од она што можевте да го забeлежите од објавените снимки во јавноста?
-Очигледно беше дека пожарот се шири со голема брзина и дека за кусо време го опфаќа целиот објект. Јасно, тоа е поради тоа што објектот во најголем дел е направен од пластика. Но, тоа веднаш го отвора прашањето за каква пластика станува збор? Тоа е најважното прашање чиј одговор значи зошто имало толку кусо време за спасување на пациентите. Значи, треба точно да се утврди каква пластика била користена во изградбата на модуларната болница? Дали е таа огноотпорна и колку време може да биде отпорна на оган. Пластиката, знаеме, е нафтен производ и кога ќе се запали гори брзо. Една обична барака ќе изгори за пет минути. Ако не е огноотпорна пластика, опасно е. Треба да се види и дали имало сертификат за противпожарната заштита, треба да се види дали тој објект бил селектиран, односно, дали имало систем кој го попречува ширењето на огнот од една во друга просторија. Треба и да се види дали внатре имало ПП-апарати, дали вработените биле обучени за постапување во случај на пожар… На ова прашање треба да одговорат оние надлежни органи кои ја презеле модуларната болница откако била изградена, од Дирекцијата за заштита и спасување. Тие треба да одговорат каков елаборат за противпожарна заштита имало и каква била безбедноста на објектот, воопшто.
Колку се присутни ризици од вакви или слични други пожари по други објекти во урбани средини? Гледаме како се прават висококатници, згради се блиску едни до други…
-Ризиците од пожарите се секојдневни. Она што се случува во секојдневието и што го гледаме како пожари доволно укажува за каква сериозна опасност станува збор. За секој објект постојат противпожарни стандарди кои мора да се исполнуваат. Но во реалноста што имаме? Имаме згради со неисправни хидранти, имаме хидранти без црева кои се украдени и поради што се нема со што да се гасне пожарот кога ќе избувне. Имате згради во кои немате противпожарни скали и кои во поново време речиси воопшто не се прават на станбените објекти поради нечии бизнис – интереси. Свесни ли се оние кои тоа го дозволуваат каква опасност предизвикуваат со тоа што станарите немаат алтернативен излез за евакуација во случај на пожар? Нема веќе ниту едукација на жителите за противпожарната заштита…
Како треба да се применуваат противпожарните стандарди?
-Противпожарната заштита е сериозна работа. Надлежните еднаш треба да се свестат за нејзиното значење и какви се трагедии може да се случат. Но, не знам дали надлежните ќе се свестат. Потребно е, едноставно кажано, ред и придржување до стандардите. Ред треба да се воспостави во противпожарната заштита, а сега нема ред. Недозволиво е да се толерира тоа да се градат нови згради, а да нема противпожарни скали. Јас по градот гледам такви згради. Кој дава дозволи за нивно вселување? Тоа е само еден дел, да не збориме за обука на граѓаните, за исправни хидранти, пристап до објекти…
Како гледате на состојбата во противпожарната служба?
-Пожарникарските служби мора итно да се трансформираат и да се централизираат, со оглед на тоа дека сегашниот систем се покажа како нефункционален. Мора да постои еден командант, кој ќе биде одговорен за пожарникарската служба, ќе носи одлуки, но и ќе сноси одговорност. Во Кризниот штаб, покрај претставници на војската, мора да има и од противпожарната служба. Потребно е да се формира тело од професионалци, искусни луѓе од службата, кои би можеле да вршат обуки, но и да помогнат со своето искуство и совети за справувањето со огнените стихии. Потребна е, значи, реорганизација но проблем е што пожарникарите никој не ги прашува за стандардите. А безбедноста на граѓаните треба да е најбитна.