Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска и Марија Вршкова се врвните македонски музичари кои со концерт вечерва во Музејот на македонска борба свечено ќе ги отворат Деновите на руски јазик и култура. На концертот ќе се изведат и дела на С.М. Рахманинов, П.И.Чајковски и Д.Д.Шостакович.
Утре пак, во Кинотека на Македонија ќе биде прикажан воениот филм на рускиот режисер Андреј Богатирјов „Црвениот призрак“ со превод на македонски јазик. На 25 септември за сите што ја сакаат руската култура, историја и јазик Рускиот центар организира квиз „Колку добро ја познаваш Русија?“. Квизот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а победниците ќе добијат интересни награди со руска симболика.
Од 26 до 28 септември во Рускиот центар, ќе се одржи третата Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашно и иднина“. Во конференцијата ќе земат учество околу 60 учесници од 10 земји. Покрај различни научни секции, ќе има посебна секција посветена на 200-та годишнина на големиот руски писател Ф. М. Достоевски. На 29 септември ќе се одржи отворена трибина на тема „Превод и издавање на руската литература“ на која ќе има можност да се разговара со уредници на познати македонски издавачки куќи.
И во месец октомври продолжуваат Деновите на руски јазик и култура. Овој период ќе се посетуваат училишта каде се изучува рускиот јазик во Македонија.