Го пошумуваат Водно со згради наместо со дрвја, а ветуваа Скопје ќе биде зелен град

Чудно штитење на заштитено подрачје

Тоа што Водно било прогласено за „заштитено подрачје“ е само замачкување на очи… И оваа одлука ќе се изигрува. Ќе слушаме дека овој не бил надлежен, па дека службите постапувале, па дека дозволите биле издадени пред донесувањето на законот, па…, а на Водно ќе се гради и ќе се гради, револтиран е граѓанинот Александар Поповски

 Водно е украс, Водно е бели дробови на Скопје, Водно е… вака скопјани си го „милуваат Водно. А вака зборуваа од локалната власт пред четири години: Водно ќе биде заштитено, Водно ќе биде пошумено, Водно… и еве завршува мандатот, а на падините на оваа планина брмчат багери, моторни пили, камиони…. Се слушаат на пренатрупаната улица „Салвадор Аљенде“ како се копа огромна дупка за темелите на голема зграда, на улицата „Питу Гули“ пред некој месец е издадена дозвола за сеча на дрвја и градба на голема локација, почнува со градба на објект и во близина на резиденцијата на претседателот на државата… Се прави и нов ДУП зад дестката болницата во Козле кој предвидува повеќе згради на падините на планината… Скопјани реагираат, се бунат, укажуваат дека сето ова се прави нелегално, со прекршување на законот…

Водно одново и одново го товараат со градби, како да не е доволно она што му се направи во изминативе години. Се чека и нов „јуриш“ се нови освојувања на нејзините падини. Како да е прашање на денот кога ќе се пробие сегашната линија на разграничување – асфалтниот пат кон врвот на планината – и кога освојувањето за згради ќе тргне кон Средно Водно… Во меѓувреме, се заборави на пошумувањето, на обновата на искорнатата шума поради градбата на гасоводот, се заборави на трупањето на ѓубре, на уништувањето на урбаната опрема…

Со децении нема пошумување

– Како долгогодишен планинар уништувањето го следам во многу долг период. Се сечат дрва со моторни пили, се уништи врвот со бетонската кула и крстот, камењата без усул се истураа на земјениот пат спрема Матка и го нагрдија просторот. Цело Водно се уништи со гасоводот и „славниот“ пат за Сончев град. Градбите кои никнуваат на подножјето на Водно го заокружија и дефинираа уништувањето на убавината на планината, богатство кое требаше да се чува. Сум учествувала во пошумување на Водно во минатото, но можам да кажам дека сега не се води грижа, ни вели пензионерка Бранка Букуршлиева.

Ударите со градби врз Водно не се запреа ниту во последните четири години иако тоа беше ветувано од се уште актуелните власти на Градот Скопје и на општите Центар, Карпош, Кисела Вода кои имаат урбанистички ингеренции врз Водно. Напротив, деградацијата продолжува. Најголем удар беше со градбата на гасоводот. Се искорнаа десетици хектари шума, се вети дека тоа ќе се пошуми со 700.000 евра, но ништо од тоа. Всушност, со години на Водно не се врши никакво пошумување, посебно не на јужната падина. Наместо тоа се носат нови планови со кои се дозволуваат нови градби, се овозможува одење со автомобили до врвот во „пренаманетиот“ планинарски дом кој стана дел од скопската угостителска шема. Од друга страна, на обновата на разурнатите „Детското одморалиште“ и „Поштенскиот“ се заборави.

-Не се сеќавам дека во последниве децении надлежните организирале акции на пошумување. А за катастрофалната состојба со ѓубрето на Водно не сакам ни да зборувам. Се е оставено на нас групи граѓани со повисока еколошка свест кои самоиницијативно се организираме со акции за чистење кои не се трајно решение. Премногу е проширен градежниот појас, не се бира до каде и на какви места се издаваат маркици за градење. Потегот од Долно Нерези до Пантелејмон е претворен во едно масовно градилиште. Тоа е недозволиво, потенцира граѓанката Маја Лазарова.

А во изминативе месеци надлежните се фалат како преземаат мерки за заштита на планината. Но, тие се на хартија. Владата во август соопшти дека одлучила Водно да добие статус на „заштитено подарчје“ од петта категорија. По ова, треба да следи носење на соодветни акти и план за управување со планината во кој решавача улога ќе ја имаат градските власти на Скопје. Но, токму тоа е она што ги загрижува граѓаните. Од таквата одлука произлегува дека заштитата на планината ќе се намалува: ќе бидат овозможени нови градби бидејќи на околу 39 проценти од „заштитената зона“ повторно ќе биде дозволена градба на нови градежни објекти под форма на „одржливо користење“. За тоа ќе решаваат токму градските и општинските власти кои до сега не се многу „секираа“за Водно.

– Убеден сум дека узурпацијата ќе продолжи. Пак слушам багери на падините. Тоа што Водно било прогласено за „заштитено подрачје“ е само замачкување на очи од една страна, а од друга страна е филтер на Водно да градат само привилегирани. И оваа одлука ќе се изигрува. Ќе слушаме дека овој не бил надлежен, па дека службите постапувале, па дека дозволите биле издадени пред донесувањето на овој закон, па ќе смислат уште нешто, што е далеку од разумот на совесен човек, а на Водно ќе се гради и ќе се гради, револтиран е граѓанинот Александар Поповски.

Се бара мораториум за градби

Граѓаните, експертите, како и невладините организации „Го сакам Водно“, „02 Иницијатива“ упорно бараат да се донесе посебен закон за Водно. На тој начин грижата ќе биде многу поголема и задолжителна, но тоа надлежните упорно го заобиколуваат. А опасноста, доколку и натаму продолжат узурпациите, е голема. Метрополата ќе биде загорозена од поројни буици каква што беше онаа пре дпет години во Стајковци во која загинаа 22 луѓе. Активистите предупредуваат дека настануваат голини на Водно, дека одводните канали се запушени, дека почвата е преоптоварена со објекти и дека може да настанат свлечишта.

-На мапата јасно се гледа каде ќе се помести границата на зелениот појас за да се дозволат градбите. Во моментот кога се дозволи да се гради таму каде што претходно не биле предвидени објекти, се изгласа смртта на Водно. Од тука па натаму, Господ да ни е на помош од катастрофите за кои експерти од Шумарскиот факултет нè предупредуваат. Она што е сега потребно е мораториум на сите тековни и планирани градби во Црниче, населба Водно, Капиштец…, враќање на зелениот појас на претходната состојба и агресивно пошумување, потенцира граѓанката Леана Тачи.

 

За скопјани е неприфатливо што за четири години не се организира пошумување на Водно.

-Не ми е јасно зошто немаше до сега пошумување на планината. Има многу предели кои се погодни за тоа. Ама изгледа немаме градомачалници погодни за пошумување, тие повеќе сакаат да садат згради. Од друга страна цело време ни ветуваа дека Скопје ќе стане зелен град, ни коментира центарката Катерина.

До надлежните, меѓутоа, ваквите укажувања не допираат. Надеж се изборите, по што новоизбраните власти би биле поодговорни. Секако скопјани треба и поодговорно да ја бараат одговорноста од оние кои ги плачаат за Скопје да биде подобро место за живеење.

Алчноста за профит им ги блокира чувствата

Од опасноста од природна катастрофа стравува и граѓанинот Поповски.

-За некоја година средно Водно ќе се спои со Скопје. Стравувам дека може да се случи некое свлечиште и големи поплави со катастрофални последици. Но, тоа не може да го увидат „инвеститорите“, на кои алчноста за профит без граници им ги има блокирано чувствата, предупредува тој.

Реквизитите повеќе да се одржуваат

Беа направени повеќе патеки и места за седнување и вежбање. Тоа мора повеќе да се одржува затоа што се распаѓа со времето, а и да се направат нови. Водно има потреба од разубавување, а не само еден асфалт на патот да стават, ни коментира скопјанец кој сака да е анонимен.

Претходна вестНа Скопје му недостасуваат капитални инвестиции во интерес на сите нас
Следна вест20 дена нема ниту еден детал од истрагата за пеплосаната тетовска болница