Колумна на Маја Лаловиќ – Блажевска:
Македонија веќе пола столетие се соочува со интензивен миграциски егзодус таканаречен село-град, град-Скопје. Процесот не е непознат, тој е со различен интензитет во земји со висок индустриски развој. Непропорционалниот урбан развој, нерамномерното распоредување на капацитетите, како и стагнацијата во развојот на инфраструктурата постојат децениски а немањето план за реален развој на овие фактори, сериозно ја поткопува шансата за опстанок. Со убиството на останатите урбани центри во државата, Скопје стана пример за нефункционален град. Итеракцијата меѓу сообраќајот, водоснабдувањето со питка вода, канализациона мрежа, енергенсите и телекомуникациите се основа за дефинирањето на границите, и на морфологијата на градот. Непланираниот број на нови скопјани креираат притисок и дисторзија на рамката на урбан развој. Неразумната трка на локалните власти за удомување на новите граѓани води кон напад на локалните планови (ДУП) кои легитимно го промовираат профитерството на неколкумина газди, а на краткотрајно задоволство на сопствениците на градежните парцели кои во битка за подобри животни услови ги силуваа функционалните населби и оставија зад себе соодветни потомци.
На сите ни е јасно дека поставената инфраструктура од пред пола век е целосно димензионирана за тогашното планираното население.Заедно со училиштата, болниците, амбулантите, пазарите, културните домови и сл изградени во периодот по земјотресот. Да и на земјотресот заборавивме. Скопје е сеизмички ризичен град. Денес, немањето на визија за слоевитоста на развојот на градот, го кренаа урбаното профитерство до суфицит на монотона содржина – (станови) кои се обеси на истата таа инфраструктура која одвај ги покрива потребите. Излевањето на фекалии, нестабилноста на дистрибуцијата на електрична енергија, како и идниот недостаток на вода ќе биде само нијанса од лепезата на комунални, социолошки, психолошки и здравствени проблеми. Затоа неслучајно плански се комбинира индивидуално домување со колективното, со мешовита услужна содржина, на соодветно растојание, осонченост и со планирано зеленило. Паразитирањето на постојаната инфраструктура без никакво општо подобрување на мрежата, е пракса на новото урбано планирање.
Криминализирањето и насилното легитимирање на плановите може многу лесно да биде и живото-загрозувачки. Направена е огромна штета, но не е доцна да се свестиме за тоа колку се важни природните и социјалните фактори за квалитетен живот. Сега е моментот на реакција, година која е од огромно значење за идните генерации. Попис и нов план за Скопје.